Фудбалскиот пат на легендата со невестински газ и рамни стапала

Французинот стана првиот фудбалер кој три пати по ред ја освои Златната топка пред Лионел Меси. Со помош на својата класа, амбиција и остар карактер стигна до врвот кој потоа си го извалка во друштво на Блатер.

Мишел Платини, Ле Рои (Кралот). Овие два збора ја опишуваат фудбалската легенда која стана една од најдобрите во светот. Успеа и како играч, но и како највисок функционер кој владееше со упорност и желба за постојано подобрување, но и ироничен однос. Има една изјава која ја опишува неговата кариера и начин на живеење:

„Играв во Нанси бидејќи таму сум роден и бидејќи беше најдобар тим во Лорена. Играв во Сент Етјен бидејќи беше најдобар тим во Франција. Играв во Јувентус бидејќи беше најдобар тим во светот“.

Тоа што го има изјавено за Нанси не е вистина. Таму заигра бидејќи го одбија во Мец поради “недоволно капацитет за дишење“. Оваа грешка на Мец потсетува на уште еден играч одбиен поради наводен физички недостаток, Лионел Меси кој сметаа дека е низок. Единствениот играч кој му го собори рекордот од три освоени Златни топки (1983, 1984, 1985).

Во текот на целата кариера Платини се соочуваше со тешкотии и мораше многу да се бори за да ги постигне своите цели. Отфрлањето од Мец беше само прво лошо искуство. Слично нешто му се случи и во Нанси кога почна да игра за прв тим во 1972 година.

Под голем притисок беше и во последната сезона за оваа екипа, а тоа беше веднаш по срамот на Франција на Мундијалот 1978 кога беше елиминирана уште во групна фаза, за што јавноста бараше одговорност од него. Го прозиваа и свиркаа, а тој ја скрши ногата и беше во аут 6 месеци.

Во тоа време секој друг играч би прекинал, но Платини стисна заби и се врати. По 215 настапи и 127 рекордни голови за Нанси одлучи да се пресели во Сент Етјен за да се прослави и на меѓународна сцена. Но тоа одеше така лесно, а максимумот кој го достигна беше четвртфинале во Купот на УЕФА.

По три години, следуваше нов трансфер, овој пат во Јувентус. До тогаш кариерата му беше со мешан успех. Освои по еднаш првенство и Куп на Франција и два пати заврши како трет на изборот за Златна топка. Заминувањето во Италија целосно му ја промени кариерата.

Интересно е што Платини можеше да се пресели во Италија неколку години порано бидејќи во 1978 година имаше потпишано преддоговор со Интер, но во тоа време Серија А ги блокираше трансферите на странците и тој во 1979-та стана член на Сент Етјен.

Следната година блокадата беше укината, но Платини беше под договор со Сент Етјен и имаше потпишано преддоговор со Интер на три години. Тој го посети тренинг центарот на Интер, Апијано Џентиле и го запозна тренерот Берселини, кој не беше баш среќен за неговото доаѓање:

„Секогаш ми носите вакви луѓе за срамота. Овој има невестински газ и рамни стапала“

По неколку дена Платини му даде гол на Ѕоф на пријателски меч меѓу Франција и Италија, а Берселини рече:

„Иако има невестински газ и рамни стапала, знае како да ги користи“.

За време на летото 1982-ра, Платини пристигна во Јувентус. Претходно стапи во контакт со луѓето на Интер за да го одржи зборот, но тие го одбија, а Старата дама го купи за само 148 милиони лири (74.000 евра). Претседателот на Јуве, Џани Ањели изјави:

„Го купивме за парче леб на кој ќе ставиме паштета од патка“.

Без сомнение, тој трансфер на Платини беше пресвртница во неговата кариера. Стана дел од екипа со 7 Светски шампиони Ѕоф, Кабрини, Ширеа, Џентиле, Тардели, Каузио и Паоло Роси кој таа година ја освои Златната топка.

Но почетокот не му беше ветувачки. Победниците од Мундијалот во Шпанија 1982 беа изморени, а Мишел не се вклопуваше во шемите на тимот. Многу луѓе и го критикуваа бидејќи во првиот дел од првенството постигна само 4 гола на 20 средби. Потоа се случи магија.

27 февруари 1983, Јувентус – Удинезе 4:0. Тој ден Платини постигна два гола и од тогаш врза серија од 12 погодоци на 10 меча во Серија А. Ја освои и првата од трите последователни титули како прв стрелец, а Јувентус заврши втор зад силната Рома со Пауло Роберто Фалкао.

Платини го освои Купот на Италија и стигна до финалето на Европскиот Куп во Атина. Но мечот не им тргна од рака и загубија од Хамбург со гол постигнат во 9 минута. Горчливото разочарување само ја зацврсти определбата за Платини да успее, а тоа се случи две години подоцна во 1985-та.

Јувентус стигна до ново финале кое овој пат го освои со решавачкиот пенал на Платини во 58 минута. Но тоа беше проколнато финале кое се одигра во тажна атмосфера. На натпреварот против Ливерпул на стадионот Хејсел поради насилство на хулигани загинаа 39 италијански навивачи. Мечот не требаше да се одигра и Платини стана тажен првак без други очекувања за иднината.

За среќа тој закрепна од шокот и пронајде нови мотиви. Истата година Интерконтиненталниот куп се одигра во Токио. Јувентус против Аргентиност Јуниорс, меч кој ќе биде запаметен како “осветувањето“ на кралот Платини.

Јувентус победи на пенали, но во сеќавања кај сите остана најконтроверзниот и генијален момент од кариерата на Платини кога постигна фантастичен гол кој му го поништи судијата поради наводна офсајд ситуација. Платини се жалеше на уникатен начин, легна на тревникот и ја потпре раката на глава.

Европскиот и Интерконтинеталниот Куп не беа единствените два негови трофеи со Јувентус. Го освои и Супер Купот на УЕФА, Купот на куповите на победниците и уште две Скудета. Со Франција стана Европски првак во 1984-та на своја територија каде беше прв стрелец со 9 голови, а 2 години потоа со својата земја заврши трет на Светското првенство.

Мишел Платини направи извонредна кариера и заслужено го носи епитетот на фудбалска легенда, но претседателската фотеља во УЕФА која ја држеше од 2007 година самиот си ја загуби.

Ароганцијата и препотентноста која ги носи во својот карактер ги покажа и во една од посетите во Скопје кога му се редеа на сликање.

10 мај 2016 - 16:56