Магазинот Форбс излезе со бројки на кои љубоморни ќе бидат богаташи од типот на Флојд Медвејдер и Тајгер Вудс. Овие двајца спортисти не знаат колку имаат пари, ама годинава не можат да се носат со Кристијано Роналдо.
Медвејдер и Вудс од 2001 година па наваму постојано го држат тронот на спортисти со најголема заработка во една година, но сега таа позиција ја држи ѕвездата на Реал Мадрид. Франс Фудбал во април годинава излезе со податок дека неговата едногодишна заработка изнесува 67,7 милиони евра, но според најновите пишувања на Форбс сега се 80 милиони евра.
Годишна заработка која го прави бог во фудбалот. На втората позиција тука некаде е и Лионел Меси со 74 милиони и сите останати светски фудбалски ѕвезди ни од близу не се на рангот на годишната заработка до која стигна Португалецот.
Трет според Франс Фудбал е Нејмар со 43 милиони, а според Форбс 35 и тоа е врти сучи двојно помалку од Роналдо. Ибрахимовиќ е меѓу 30 и 34, Тијаго Силва и Бејл меѓу 27 и 32, Руни 22-24, Милер и Ди Марија 20 до 25 милиони евра годишно.
Се разбира овие вкупни суми на пари кои ги заработуваат на годишно ниво и кои сметаме дека се премногу, се однесуваат на заработувачката од плати и премии од клубовите и од спонзорските договори.
За Роналдо се пишува дека годишната плата во Реал Мадрид му изнесува околу 20 милиони евра (и според стариот и според новиот договор до 2021 година). Што значи дека спонзорите му ја товарат сметката со уште енормни 60 милиони евра.
Само од Најк, Роналдо ќе кешира 15 милиони евра годишно до 2020 година, од Кастрол зема 6 милиони годишно, Армани (1 милион до 2019-та), Кентаки Фрајд Чикен (2 милиони) и тука се и часовниците Таг Хојер, гигантската авио компанија Емирејтс, Хербајалф, пијалаците Сокеррејд, Покерстарс, Клир Шампо, Конами за Про Еволушн Сокер (до 2018-та), Тојота Самсунг, банката Еспирито Санто Портогезе.
Тоа се 13 спонзори од кои Роналдо заработува милиони секоја година и можеби има и уште. На пример Football Leaks, сајт кој постојано пишува за договорите на спортистите, откри дека Роналдо земал милион евра од арапска телефонска компанија Mobily само за еден спот.
Во Јапонија промовирал алатка која се става во уста за да го зајакне тонот на лицето и масажер за телото. Зошто го прави тоа? Бидејќи се работи за глобален феномен и претпоставките се дека не постои ниту актер или пејач кој “продава“ производи како него.
И кога на сето ова ќе се надоврзат и неговите бројки на социјалните мрежи кои постојано растат, тогаш јасно е зошто маркетингот не може без него. На Фејсбук има 117 милиони фанови, на Твитер го следат 48 милиони, а на Инстаграм 81 милиони луѓе. Што значи дека секоја негова порака, слика или видео може да ја видат вкупно речици 250 милиони луѓе.
Според Форбс, CR7 на социјалните мрежи привлекува 60% повеќе од било кој друг спортист. Една студија вели дека за Најк генерира околу 36 милиони евра со помош на 59-те постови објавени оваа година и 175 милиони за останатите спонзори. Ова е само дополнителен доказ дека колку некој да не го сака, Роналдо сепак е појава и магнет кој носи пари.
Па еве само ние како медиум во последните 12 дена петти пат пишуваме за него.
КАКО КВАРЕЗМА ГО ПЛАШИ КРИСТИЈАНО РОНАЛДО
КАМЕРА КОЈА ГО СЛЕДЕШЕ ИЗГУБЕНИОТ РОНАЛДО