Фудбалот останува без Хуан Роман Рикелме

Како што најави во декември, легендарниот аргентински фудбалер Хуан Роман Рикелме се повлекува од професионалното играње фудбал.

Ел Маестро има 36 години, а кариерата реши да ја заврши по 18 одиграни сезони, од кои најголем дел мина во својот омилен клуб, Бока Јуниорс.
 
„Донесов одлука да прекинам со играње фудбал. Се чувствувам многу среќен и горд за сè што е позади мене. Уживав од првата до последната средба. Уживав во секое додавање, во секој гол, шанса, фаул. Имав убава кариера и се надевам дека луѓето уживаа во мојата игра“, изјави Рикелме откако соопшти дека ја завршува кариерата.
Некогашниот аргентински репрезентативец ја започна и заврши кариерата во Аргентинос Јуниорс, каде прво играше до својата 17. година. Потоа го потпиша првиот професионален договор со Бока Јуниорс, а веќе во 2002. година премина во Барселона. Рикелме не се снајде баш најдобро во големата конкуренција на Камп Ноу и потпиша со Виљареал, каде во текот на четирите години стана легенда на клубот со кој играше полуфинале на Лига на шампиони.
 
Во 2007. година, Рикелме се врати во Бока Јуниорс на голема радост на навивачите, а од минатото лето заигра за Аргентинос Јуниорс. Дресот на „гаучосите“ го носеше 51 пат и постигна 17 голови. Во својата татковина освои 5 титули со различни клубови.
 
Кариерата на Рикелме:

Бока Јуниорс: 288 натпревари, 64 голови
Барселона: 30 натпревари, 3 голови
Виљареал: 106 натпревари, 36 голови
Аргентинос Јуниорс: 15 натпревари, 5 голови
Признанија: Аргентинско првенство (5 титули), Копа Либертадорес (3), Копа Аргентина (1)