Бразилскиот клуб Палмеирас загуби на гостувањето кај Тигре со 1:0 и тоа со гол примен во 93-та минута, па навивачите кои отпатуваа во Аргентина не можеа да се помират со поразот.
Навивачите кои го бодреа Палмеирас на гостувањето, ги пресретнале фудбалерите на аеродромот во Буенос Аирес и се обиделе да се пресметаат со нив. Видео снимките покажуваат само вербален конфликт, но голманот Фернандо Прас заработил исекотини на лицето. Чилеанскиот фудбалер Валдива бил приморан да се сокрие во тоалетот додека полицијата и аеродромското обезбедување се пресметувале со навивачите.
Палмеирас е најтрофеен бразилски клуб со околу 15 милиони навивачи кои се познати по својата нетолерантност. Во 2011-та година по серија на лоши резултати, тие го нападнаа фудбалерот Жоао Витор пред стадионот, а минатата година ја запалија и клупската продавница.