Во петок од 18 часот Финска го пречекува Лихтенштајн и со победа сигурно ќе обезбеди пласман на Евро 2020. Ова ќе биде најпријатното изненадување од целиот квалификациски циклус.
По многу години разочарувања од фудбалската селекција, оваа Нордиска земја со 5,5 милиони жители, позната по врвен хокеј, автомобилизам и фрлачи на копје, конечно може да го оствари сонот на многу претходници.
„Секогаш има скептици од типот на “А, нема шанси да успеат“ без разлика што правиме, дали музика, дали што било друго“, вели поранешниот фински репрезентативец Аки Рихалахти кој во моментов е директор во финскиот шампион ХЈК Хелсинки. „Во природата на Финците е да поддржуваат само нешто што е препознаено од надвор а не и од тука“.
Финска со години имала добри играчи, најпознати меѓу нив секако Јари Литманен, легендата на Ајакс и Сами Хипија, стоперот на Ливерпул, но повеќе од 80 години безуспешно се обидуваат да отидат на Европско или Светско.
СЕГА Е ДОЈДЕНО ВРЕМЕ
Што донело промени? За селектор поставиле поранешен играч од домашното првенство кој работел и како наставник во школо, и тој донел многу позитивни промени.
Марку Канерва во декември 2016 година станал селектор на Финска. Претходно бил помошник тренер и играл фудбал во 80-те и 90-те години. Од репрезентацијата која во минатото немаше ниту една победа и од која се повлекоа неколку добри играчи меѓу кои Микаел Форсел од Челси, Јуси Јаскелаинен, Перпарим Хетемај и Роман Еременко, сега Канерва направи екипиште кое згази во квалификациите.
Во формација 4-4-2 Канерва инсистира на многу одговорна и цврста одбрана (примиле само 8 гола на 8 меча а на 5 наптревари не примиле ниеден гол во квалификациите), а во нападот се потпираат на најголемото изненадување на стартот од Премиер лигата, Тиму Пуки од Норич.
Интересно, селекторот Марку Канерва ја водел и селекцијата У-21 на Финска која во 2009 година се пласираше на Европското младинско во Шведска. Од таа селекција сега има 5 играчи во репрезентацијата.
Резултатите беа неверојатни: Финска ја освои својата група во Лига на Нации откако победи на првите 4 натпревари и обезбеди пласман во Лига Б како и плејоф во случај да не одат на Европско преку традиционалните квалификации.
Ама плејоф нема да им треба. Ќе го отсапат на друг, затоа што во групата Ј од квалификацииве по почетниот пораз од Италија, растурија.
После 8 кола, Финска е втора, зад Италија која веќе се квалификуваше. Финците имаат цели 5 бода пред Босна и Херцеговина и Ерменија која што во директен дуел ја совладаа пред неколку недели во Хелсинки.
„Ова е парче од сложувалката кое фали да биде комплетна. Сите други спортови во нашата земја успеале да се пласираат на некое големо натпреварување, но ова е нешто што долго време не делеше од тоа да бидеме права спортска нација“, вели Марко Казагранде, генералниот секретар на Финската фудбалска асоцијација.
Таква слава во 2016 година доживеа Исланд, Нордиската земја со население од само 330.000 жители која што сензационално се квалификуваше на Евро 2016 и на Светско 2018 и ги освои срцата на сите навивачи.
КОЈА Е ТАЈНАТА?
Кога Казагранде ги прашал колегите од Исланд во што е рецептот, тие му одговориле: силен колектив комбиниран со блесок на еден фудбалер од светска класа, Гилфи Сигурдсон.
Финска тргна по истиот пат. Иако на гол го имаат познатиот Лукаш Храдецки кој брани за Баер Леверкузен а беше и во Арсенал, сепак главна ѕвезда во тимот е Тиму Пуки, човекот кој имаше страшен старт во Премиер лигата со Норич.
Токму Пуки е прв стрелец на репрезентацијата со 7 од вкупно 12 гола на Финска и е најзаслужен што се на прагот од историски успех.
Кога Финска стана Светски шампион во хокеј годинава, за првпат после 2011 година, имало еуфорични прослави во центарот на Хелсинки каде се отворал шампањ и се фрлале во фонтаната близу фамозната статуа на Хавис Аманда.
Што ли ќе биде ако се пласираат на прво Европско?
„Финците ќе направат голем фестивал. Ќе биде лудо!“, вели Рихилахти во најава за она што ќе се случува утре вечер ако го победат Лихтенштајн.