Според сите очекувања и сите најави, селекторот Ангеловски реши да извади комбиниран тим вечерва на арената „Тодор Проевски“.
И резервистите, кои денес добија шанса, во целост ја оправдаа довербата. Особено радува фактот што стрелци на гол во убедливиот триумф од 4:0 беа и дебитантот Милан Ристовски и Дарко Чурлинов кои докажаа дека Ангеловски може да смета на нив на Европското.
Македонија уште од првата судиска свирка јурна кон противничкиот гол и создаде неколку зрели шанси брзо да го отвори резултатот.
Иван Тричковски ја имаше првата озбилна шанса да го скрши оревот но шутираше непрецизно. Нашата офанзива доби плод во 35' минута кога Езџан Алиоски искористи пенал направен врз Елиф Елмас по сјаен продор на фудбалерот на Наполи.
Работата на македонските репрезентативци беше олесната во судиското продолжение од првиот дел кога Мужиков по еден страшно груб старт врз Кире Ристевски, заслужено доби црвен картон и Казахстан остана со 10 играчи.
По водството Македонија притисна уште посилно, со цел да ја дуплира предноста но на пауза отидовме со гол позитива.