Македонија и Ерменија до сега имаат одиграно седум меѓусебни натпревари, четири во квалификациите за ЕП (1996 и 2012), два во квалификациите за СП (2006) и уште еднаш во Лигата на нации минатиот месец.
Нашиот национален тим има позитвен скор од 3 победи, 2 нерешени и 2 порази. Горан Пандев им е ноќна мора на Ерменците кои ги има совладано четири пати. Три пати во мундијалските квалификации за СП 2006 кога ги добивме и двете средби.
Прво дома кога Македонија славеше 3:0 со неговиот гол во 5-та минута, како и со погодоците на Шаќири и Шумуликоски, а потоа уште два пати на реваншот кој заврши 1:2, што е впрочем и последниот гостински триумф на нашите фудбалери против Ерменците.
Четвртиот погодок против нив го постигна минатиот месец кога Македонија славеше 2:0.
Инаку Пандев во своите ветерански години освен што го води како лидер националниот тим и реди голови и асистенции, урива и рекорди во репрезентативниот дрес.
На саботниот меч против Лихтенштајн стигна до 44-ти настап како капитен на Македонија и го мина Гоце Седлоски кој има 43. Му фалат уште само три меча за да го стигне Седло кој е единствен со јубилејна бројка од 100 репрезентативни мечеви.
На листата на стрелци е недостижен.