Ептен заебана разврска за ЛШ и опстанок во Серија А

На една недела до крајот на сезоната во италијанско, нема мир за едно 8-9 екипи. Пола од нив ќе гризат за влез во елитата, а другите ќе стрепат да не испаднат. Кој ќе чека до недела у пм.

ТЕПАЧКА ЗА ТРЕТО И ЧЕТВРТО МЕСТО

Во оваа тешка и неизвесна битка за излез во ЛШ работите најмногу си ги искомплицира Интер поради една јасна причина. Пад на формата во најлошиот можен тајминг. Имаат само една победа во последните 5 кола, а во истиот период Аталанта нема пораз, туку 4 победи и едно реми и затоа ги стигнаа.

Ако Аталанта во последно коло го победи Сасуоло, а Интер слави со Емполи, тогаш за Милан и Рома утеха останува Лига Европа. Сасуоло е 10-ти и нема мотиви да брка бодови, но Емполи ептен има бидејќи ако победи на Сан Сиро математички е спасен.

Милан има гостување против СПАЛ и само со 3 бода, а истовремено кикс на Интер или Аталанта ќе слави влез во ЛШ. Има некои опции и за Рома, но тие се многу тешко изводливи.

Треба Рома да победи со Парма, а Интер, Аталанта и Милан да загубат. Во тој случај од трите екипи со ист број на бодови, жртва би бил тимот на Спалети.

БИТКАТА ЗА ОПСТАНОК НА ПАНДЕВ

Можеби ќе се запрашате како Џенова дојде до тоа дереџе да влезе во опасна зона баш во последно коло. Епа момците на Прандели немаат победа веќе 9 кола. Знаете кога последен пат тепале? Против Јуве на 17 март, кога стрелаше Пандев. Од тогаш бележат 5 порази и 4 ремија.

Затоа сега нивниот спас од двете можни опции е 3 бода на гости против Фиорентина за чија пак форма како да ви кажеме. Замислете Фиорентина предводена од убавиот напаѓачки тандем Симеоне – Киеза нема победа на после 13 средби, тоа е нивниот најлош рекорд од 1981-ва година.

Со оглед на тоа што според правилата се гледа меѓусебниот скор, тогаш Џенова со победа ќе се израмни со Фиорентина и ќе се спаси, НО во тој случај за Фиорентина ништо не е готово. Ако Емполи загуби на Сан Сиро ќе се радуваат заедно со Џенова, но ако Емполи направи сензација, Виолетовите се второлигаши.

Во случај Џенова и Емполи во последно коло да имаат ист број на бодови, тогаш Џенова останува прволигаш поради подобриот меѓусебен дуел.

Математички не се спасени ниту Болоња и Удинезе, но кај нив стресот е помал бидејќи Болоња вечерва игра против Лацио, а во последно коло со Наполи. Со бод од можни шест ќе се спаси. Удинезе во последно коло му гостува на Каљари каде со реми исто така е спасува.

Заклучокот е дека највозбудливи и неизвесни ќе бидат средбите Интер – Емполи и Фиорентина – Џенова.