„Muchas gracias, hala Madrid". Со четири зборови на шпански, Антонио Касано ја почна својата неславна авантура во Кралскиот клуб. На почетокот изгледаше дека Касано го оствари својот сон и после мачната разделба со Рома, конечно ќе заигра со шампиони од калибарот на Зидан, Раул, Роналдо, Робињо, Бекам, Роберто Карлос, Мичел Салгадо. На крајот се испостави дека и тој го промашил клубот и клубот го промашил него.
Целата сторија започна во декември 2005. година, кога после долги расправии со управата и навивачите на Рома, Касано беше на излезна врата од Рим. Тогаш во игра влезе легендарниот преговарач Ернесто Бронѕети, кој на Касано му ја претстави понудата на Реал Мадрид. Договорот се финализираше во јануари 2006. година и Касано за 5 милиони евра замина во главниот град на Шпанија. Реал плати малку за него, затоа што на Касано следното лето му истекуваше договорот со волчицата и ќе си отидеше без обештетување.
Касано на 4. јануари пристигна на мадрискиот аеродром со поранешната девојка Розарија Канаво, а таму го пречекаа стотина навивачи на Реал. Антонио носеше јакна од крзно и гордо шеташе по мадридскиот аеродром, без да знае дека неговиот бурен темперамент ќе го чини напуштање на Галактикос. Следуваа медицински прегледи и пат кон Бернабеу, каде неа беа ниту Флорентино Перез, ниту Ди Стефано, туку Емилио Бутрагењо, кој го претстави пргавото момче од Бари на прес-конференција.
„Дојдов во најголемиот клуб на светот и сигурен сум дека селекторот Марчело Липи ќе ме викне на Светското првенство во Германија. Ќе тренирам напорно, а тренерот ќе одлучи кога ќе играм", изјави Касано на презентацијата.
Тренер на Реал тогаш беше Хуан Рамон, кој дојде на местото на Вандерлеи Луксембурго. Реал не одигра добра сезона, но Касано дебитираше со гол против Селта Виго на 18. јануари, само четири минути откако влезе во игра. Италијанецот потоа му даде гол на Атлетико Мадрид после само три минути игра и веќе почна да станува миленик на Сантијаго Бернабеу. Како проаѓаше времето, килажата беше поголема, а минутите во игра помали. Шпанските медиуми го завикаа вепарот, а ниту Касано не им остануваше должен. Потоа Флорентино Перез привремено го напушти Реал Мадрид, а нов тренер стана Фабио Капело.
„Како татко ми е. Ме насочуваше во добра насока, задоволен сум од него", изјави Антонио, кој во меѓувреме од трибините го гледаше златото на Италија на СП во Германија.
Првата „Касаната" дојде во октомври истата 2006. година. Се скара со Капело, кој го отстрани на 40 дена од составот. Некој месец подоцна, Касано ги имитираше движењата на Капело зад грбот на Дон Фабио, потег што ја прели чашата. Од тој момент изигра уште некој натпревар, асистираше во Ел Класико и долго време седеше на трибините. Во март 2007. година и дефинитивно не беше дел од Реал Мадрид, затоа што не заигра ниту една минута. Додека Реал ја освојуваше Ла Лига, Касано беше во Бари и чекаше повик од некој италијански клуб.
Прва се јави Сампдорија, екипа која не успеа да го скроти карактерот на Антонио Касано, кој подоцна правеше циркуз во Милан и Интер, а во моментов е член на Парма. Не се знае до кога.