Најагресивниот фудбалски клуб

Екипа со ултраси од која сите бегаат да ѝ гостуваат

Познато е дека во македонски фудбал во втора, трета па се до најниските лиги обично победува домаќинот, бидејќи во спротивно ќе падне ќотек. Слична таква приказна ни доаѓа од Португалија каде клуб со агресивни фаули сее страв и противниците ги откажуваат дуелите.

Канелас 2010 е познат во Португалија како тим против кој никој не сака да игра. Во моментов се лидери на табелата во својата локална категорија која спаѓа во четвртолигашкиот португалски фудбал и немаат ниту пораз ниту реми на последните 11 средби, туку сите 11 ги добиле со идентичен резултат 3:0.

Како им успеало тоа? Епа сите 11 противници одбиле да се соочат со нив и го откажале мечот со образложение дека е подобро да се предадат и да платат казна од 750 евра отколку да се справуваат со агресија на теренот.

„Кога им гостуваме едноставно страдаме, а судиите се уплашени и не ги запишуваат сите работи во своите записници“, вели претседателот на Грихо, една од екипите која им гостуваше во октомври и која мечот пред медиумите го опиша со еден збор: тајна.

Инаку интересно е што во Канелас 2010 играат неколку ултраси од навивачката група Супер Драгонс која го поддржува Порто.

Капитен на тимот им е Фернандо Мадуреира кој е главен лидер на ултрасите на Порто. Го носи прекарот „Мајмун“, а навивачите го викаат „Лидерот“. Тој води група од 5.000 навивачи на Порто и има 30 годишно искуство на ултрас сцената, јубилеј кој го прослави на голема церемонија со голем број навивачи и фудбалери.

Макако кој има 41 година важи за солиден стрелец во нисколигашкиот португалски фудбал, а во 2012-та доби повик да настапува за Канелас. Тој прифати, но побара со себе да донесе и неколку свои луѓе како играчи.

„Не можам да бидам професионален фудбалер бидејќи ќе недостасувам кога ќе треба да одам да го бодрам Порто“, вели Макако.

Клубовите од минатата сезона почнаа да се жалат, а 90% од судиите одбиваат да судат кога игра Канелас 2010. На 15 јануари ќе одржат состанок за проблематичната ситуација со која се соочуваат.

„Победуваат со помош на закани и агресија против 20 годишници, пред присуство на судии и полиција кои не прават ништо за да ги спречат. Ги разбирам колегите, сите имаме фамилии, а исто така и играчите. Никој не е професионален и не сака компромис“, се жалат претставниците на клубовите.

Фудбалската федерација на Португалија тврди дека има присуство на полициско засилување, но тоа не менува ништо бидејќи на социјалните мрежи постојано се вртат видеа со насилни сцени на играчите на Канелас 2010 кои се правдаат на ваков начин:

„Ние играме со душа бидејќи во овие категории е секогаш тешко и со многу физички контакти. Ова не е балет или пливање“.

Единствениот тим кој им се спротивстави оваа сезона е Кандал кој важи за најголем ривал на Канелас 2010 и кој не се придружи во колективната одлука за бојкот на нивните натпревари.

Лигата тече, а доколку Канелас 2010 продолжи со оваа незапирлива серија во која ги краси голема агресивност, ќе игра плеј-оф меч за Чемпионшип кој спаѓа во трета португалска лига. Во тој случај би добиле право да играат и во националниот Куп со што за прв пат би се појавиле во професионален фудбал.

За смирување на тензиите и инцидентите се одигра и пријателски натпревар меѓу тим составен од новинари и Канелас 2010 насловен како „Мечот за фер плеј“ на кои беа испратени пораки дека во фудбалот треба да се респектира противникот и да нема насилство.

23 декември 2016 - 13:23