Егзодус од Ла Масија

Од 2012 до 2015 година дури девет фудбалери кои се производ на легендарната младинска школа Ла Масија, ја напуштиле Барселона и се преселија ширум Европа.

Пред три години, во ноември 2012-та Бразилецот Дани Алвеш поради повреда мораше да го пропушти мечот против Леванте, тимот од предградието на Валенсија. Тогашниот тренер Тито Виљанова се одлучи позицијата десен бек да му ја повери на младиот Мартин Монтоја.
 
На тој дуел Виљанова и Барса влегоа во историјата, затоа што на зелениот терен истрчаа дури 11 фудбалери кои потекнуваа од Ла Масија. Виктор Валдез, Мартин Мондоја, Пујол, Џерард Пике, Жорди Алба, Чави, Бускетс, Иниеста, Педро, Меси, Фабрегас. Тоа беше моментот на гордост за Барселона.
 
Сепак од тогаш до денес работите драстично се сменија, особено по заминувањето на крилниот напаѓач и шпански репрезентативец Педро во Челси за 30 милиони евра. Трансферот на Педро значеше и доказ за егзодусот на првотимците на Барса кои доаѓаат од Ла Масија.
 
Пред две сезони, Блауграна имаше дури 17 фудбалери во првиот состав кои потекнуваат од Ла Масија, а 8 од нив беа редовни и стандардни првотимци. Летово на Камп Ноу има 11 фудбалери од Ла Масија од кои само пет се стандардни.
 
Прашањето за слабата работа на Ла Масија се провлекуваше и низ изборната кампања за претседателските избори во Барселона. Тогаш кандидатите Лапорта, Бенедита и Фреиче го критикуваа раководството на клубот предводено од новоизбраниот претседател Бартомеу дека недоволно внимание се посветува на драгоцената академија.
 
Во прилог на оваа теза дека концептот на Ла Масија некаде шкрипи одат и податоците дека Барса во моментов не ги форсира децата од својата школа во првиот тим, туку врвни фудбалери кои од надвор се дојдени на Камп Ноу.
 
Сепак, Бартомеу и актуелната управа може да се пофалат дека економски одлично прошле со продажбата на фудбалерите кои дојдоа од Ла Масија. Клубот во последните неколку сезони заработи 90 милиони евра од продажбата на Фабрегас, Кркиќ, Делофеу, Адам Траоре, Џонатан дос Сантос, Санабрија, Тељо (позајмен во Порто), Монтоја (позајмен во Интер) и сега Педро во Челси.
 
Сите овие фудбалери добро ја наполнија клупската каса, но проблем е иднината, затоа што казната од ФИФА и ембаргото на трансфери најавуваат дека Барса може да има проблеми при купувањето на големите ѕвезди на светскиот фудбал.
 
Поради спорот со ФИФА и суспензијата, во четвртокот Барселона не успеа да регистрира две момчиња од Ла Масија, Фоде Фофана и Матијас Ласава. Инаку, член на Ла Масија е и нашиот репрезентативец Давид Бабунски.