Поранешниот напаѓач на Динамо Загреб и хрватската репрезентација во 2011 година поднесе тужба против Мамиќ со која бараше укинување на сите договори со него кои ги нарекуваше лихварски. Две години потоа вака сведочеше на суд.
„На Здравко Мамиќ од 2001 до 2004 година му исплаќав провизија од платата во Динамо од 20 до 25% или околу 4.000 евра годишно. Кога во 2004 година добив плата од 120.000 евра за цела година во Динамо, потоа годишно до 2007-ма му исплаќав провизија на рака од 24.000 евра“
Судот минатата година донесе прелиминарна пресуда во корист на Да Силва, а тоа е дека договорите според кои до крајот на кариерата Бразилецот на Мамиќ треба да му дава дел од своите приходи се невалидни.
„Јавноста многу добро го знае ефектот од работата на Здравко Мамиќ во хрватскиот фудбал. Јас бев во таква ситуација во 2001 година и за да постигнам нешто во кариерата морав да се согласам со нивните барањата. Таа зависност беше уште поголема откако Мамиќ стана и официјален функционер на клубот. Како играч на овој фудбалски клуб и во однос на можностите да заиграм и да се развивам, бев целосно зависен од него. Здравко Мамиќ беше истовремено и извршен директор, а мене им се претставуваше и како посредник за играчи од истиот клуб“, тврдеше Да Силва во соопштението кое ги испрати пред четири години за судската постапка.
Да Силва пред судот изјави и дека провизијата му ја давал на рака.
„Понекогаш во неговата канцеларија, понекогаш во ресторан, кафиќ...Еднаш го прашав за потврда, но тој не сакаше да потпише и ми велеше: Љубави, ние сме луѓе и си веруваме. Од Мамиќ добив кола, 400 марки за џепарлак и во неколку наврати по 5.000 евра кои не знам дали беа од Динамо или од самиот Мамиќ“.
Едуардо Да Силва беше член на Динамо Загреб од 2001 до 2007 година, а потоа Мамиќ го продаде во Арсенал за околу 14 милиони евра. Во 2010-та Да Силва премина во Шахтјор, а од лани е член на Фламенго.