Веќе шест кола по ред Лестер е лидер во Премиер лигата, што се коси со сите предвидувања. Ако не крајот не станат шампиони можеби ќе се навратат на мечот против ВБА кој требаше да го добијат. Меѓутоа им недостигаше едно толку важно “куче“ од средниот ред, истиот тој кој од ноември наваму само еднаш има постигнато два гола, а тоа е на мечот против Евертон на кој победија со 3:1. Додека Варди и Махрез одново покажаа колку се опасни, Раниери и неговиот тим чекаа да се врати можеби нивниот најважен играч.
169 сантиметри и 68 килограми. Да го сретнете ова “џуџе“ речиси сигурно нема да си речете дека ова е еден од најдоминантните играчи во среден ред во моментов. А и како на друг начин да го наречете најдобриот одбранбен играч од средниот ред во Премиер лигата, која веројатно е физички најтешката лига во светот.
Денеска тоа е Н`Голо Канте кој до претходното лето беше потполно анонимен играч кој минатите две сезони играше за Каен и од клуб во долниот дел на табелата на француското првенство, оваа сезона ги држи конците во лидерот во Премиер лигата.
Кога се дебатира кои се најважните играчи на Лестер веднаш се зборува за Џејми Варди и Ријад Махрез, ударното дуо во нападот. Варди со 19 голови е најдобар стрелец во првенството, а Махрез е единствен играч со двоцифрени 14 голови и 11 асистенции.
Глупаво е да се каже дека нивниот учинок не е важен. И двајцата се многу важни играчи и се дел од овој неверојатен успех на Лестер. И да не дојдат до титула, постојат многу реални шанси да завршат на едно од првите три места и автоматски да се пласираат во Лига на шампионите што би значело голем финансиски и репутациски импулс за клубот.
Во Лестер, барем според играта и важноста на тимот постои една комбинација на тројца подеднакво важни играчи. Третиот е малиот Французин Канте. Токму пред десетина дена на мечот против Арсенал кој Лестер го загуби поради црвен картон, тој покажа колку е важен, а парадоксално токму играч од тој профил му фали на Венгер.
Францускиот стратег кој во голема мера избра добри и релативно анонимни Французи во Арсенал кои тогаш не беа на нивниот врв, овој пат не сакаше да се коцка, а требаше. Ако го донесе сега, тоа ќе значи дека ќе треба да го плати пет пати повеќе од 9 милиони евра, колку што чинеше неговото доаѓање од Франција.
„Тој е страшна сила во тимот. Се разбира дека знам од претходно за него. Еден мој пријател ми укажа на него уште кога имаше 10 години. Го пратевме уште во Болоњ, а по две сезони во Каен дојде во Англија. Тоа што е занимливо да се напомене е како брзо се адаптираше на високо ниво на игра. Го гледавме претходно неколку пати и се уверивме дека има висок квалитет, но не знаев дека толку брзо ќе дојде во Англија.“
Венгер очигледно не мислел дека некој друг клуб од Премиер лига може да го ангажира од малиот клуб Каен, без претходно да биде познат играч, а камо ли да биде поканет во репрезентација.
Како го прави тоа Канте?
Ако е потребен дополнителен доказ, ете го мечот против Арсенал. Не е случајно тоа што Лестер е прв во лигата во пресечени и одмезени топки и се единствени кои имаат повеќе од 45 одмезени топки по натпревар. Канте е во фокусот, како единствен со преку 4 украдени топки по натпревар и тоа во топ 5 лигите во Европа.
Дополнителна вредност на ова му дава тоа што половина од овие освоени топки завршуваат на противничката половина. Тогаш не е чудно што играчите од нападот полесно доаѓаат до позиција за гол. На пример за 20-30 минути од натпреварот против Арсенал, Канте тоа го направи пет пати од кои три на половината на противникот.
Отежнувачка тактичка околност во нивната игра е стоперскиот тандем Хут – Морган кој служи пред се како бедем за висока одбрана. Но поради нивниот недостаток на мобилност невозможно е да го играат типичниот Gegenpressing, тоа што со години го играше Борусија со Клоп, бидејќи стоперите не може високо да постават офсајд замка, како тоа што го правеа Хумелс и Суботиќ.
Место тоа, ова е по малку модериран и унапреден фудбал од старата италијанска школа кој го постави Липи со Зидан и Давидс во Јувентус. Најголемата сила на овој стил не е поседот на топката, а не е ниту тврда одбранбена игра бидејќи Лестер постигна 51 гол, повеќе од нив во првенство, а прими повеќе од еден по натпревар (31 на 28 средби).
Магичната формула на Лестер и тајната на нивниот успех се гледа и во тоа што тие успеваат да го натераат противникот да игра сам против себе. Клучот во тоа е трансформацијата напад – одбрана, каде што по губењето на топката неверојатно брзо веќе на противничката половина се формира одбранбена формација. Потоа се става фокус на тоа да се пресече или да се одземе топката.
За тоа да им успее играчите мора да бидат ултра мобилни за да можат неколку пати да го поноват истото. Затоа не е чудно што ниту еден играч на Лестер кој игра во среден ред или напад нема повеќе од 75 кила, а тројца (Махрез, Канте и Олбрајтон) се под 70 што уште повеќе се олеснува радиусот на движење.
Сепак срцето на таквата игра лежи во нивниот Едгар Давидс, баш каков што беше Холанѓанецот во Јувентус во крајот на 90-те, но и за холандската репрезентација. Канте е тој кој со своите движења ги одредува движењата на сите останати играчи и оној кој има добра моторика, поставување и читање на играта.
Најчесто топките ги сечат кога било кој бек поставен на аут линија се обидува да проигра некој од средина. Поради висок притисок играчите на Лестер ги сечат топките, а Канте е тука да го покрие целиот останат простор. Никој после Давидс не го прави тоа на тоа ниво. Освен тоа Кантер е способен брзо да повлече напред топка и да посредува за трансформацијата во играта од одбрана спрема напад што е олеснителна околност на тие што играат напред.
За да ја потенцираат својата предност, мора натпреварот да го држат во силен ритам при таквите ситуации кога има многу промени во поседот на топката. Сите големи екипи се обидуваат да играат со тие елементи, а проблемот е што Лестер тука е најдобар, па затоа противниците во некои моменти играат сами против себе.
Веројатно најдобрата тактика против нив би била да се умртви играта и да се дојде до гол од прекин бидејќи во тоа се најслаби. Но големите екипи така не играат, а ниту на публиката им се допаѓа тоа.
Високиот притисок и транзицијата е тоа што им даде прво место на Лестер, а камен темелник на нивната игра е човекот кој има 169 см и 68 кг. Случајно или не, толку во врвот на својата кариера имаше и Едгар Давидс.