Еден од ретките кој имаше хет-трик во Лига на шампиони, а изгуби

Најлудиот меч синоќа во елитата, се одигра во Истанбул каде домашниот Башакшехир и Лајпциг постигнаа вкупно 7 гола. Тимот на Јулиан Нагелсман водеше 0:2, па 1:3, ама домаќинот го имаше неверојатниот Ирфан Кавеџи.

Во групата Х до последна минута во последното коло ќе гледаме драма затоа што дури 3 екипи имаат по 9 бода (ПСЖ, Манчестер Јунајтед и РБ Лајпциг, па уште не се знае кој ќе оди во нокаут фаза.

Во средата вечер порано од останатите натпревари почна оној во Истанбул каде турскиот шампион Башакшехир неколку пати се враќаше во игра но дури во судиското продолжение во 90+2' минута Лајпциг преку Норвежанецот Сорлот славеше со 3:4.

Јунак на мечот без среќен крај за него беше Ирфан Кавеџи. 

Интересно Кавеџи сите три гола ги постигна со лева нога и сите беа после силен шут (третиот од слободен удар како Меси).

Шпицот на Башакшехир на крајот остана разочаран затоа што не освоија ни бод (последно место се со 3 бода по триумфот над Манчестер Јунајтед).

Во историјата на Лига на шампиони покрај Кавеџи, само уште Бразилецот Роналдо и Герет Бејл постигнале хет-трик а да нивниот тим на крај изгуби.

Легендарниот Бразилец во 2004-та година постигна неверојатен хет-трик на „Олд Трафорд“ каде Реал Мадрид изгуби 4:3 а при напуштање на игра кога беше сменет, Роналдо доби стоечки овации од преку 75.000 гледачи. Тогаш Реал отиде понатаму благодарение на резултатот од првиот меч.

„Најдобар момент беше кога излегов од игра. Цел стадион ме поздрави со стоечки овации. Не очекував такво нешто како противник. Магичен момент, еден од најдрагите во мојата кариера“, се присети неколку години подоцна Рони.

После Роналдо, Герет Бејл беше вториот играч во историјата кој го одигра можеби најдобриот меч во целата своја кариера - во 2010 против Интер на „Џузепе Меаца“. Нераѕурите славеа со 4:3 но цела Европа збореше за лудите продори на Бејл кој го претрчуваше цел тим на Интер и постигна 3 гола. 

КАВЕЏИ ИМА ИНТЕРЕСЕН ФУДБАЛСКИ ПАТ

Пред 6 години во едно интервју како 19-годишен, Кавеџи раскажал како станал најголема надеж на турскиот фудбал.

Родителите го терале да учи за да не заврши во механичарската работилница на татко му. „Мајка ми и татко ми викаа дека ако слабо учам дека ќе работам кај татко ми како механичар. Тоа ме измотивира да имам не само добри оцени туку и после школото да се запишам на факултет во Анкара.

Фудбал почнал да тренира во Генчлербирлиги но имал долг пат до првиот тим. Го праќале на разни позајмици во трета лига.

„Му помогнав на тимот Хаџтепе да се пласира од трета во втора лига па после се вратив во Генчлербирлиги. Дури и не сакав да се враќам зошто бев стандарден играч а во Генчлер играв за втората екипа. Тоа искуство ми дојде како отскочна даска“.

Почнал да игра како лев бек и тоа многу му помогнало понатаму во кариерата.

„Сега добро се снаоѓам во пресинг или кога браниме резултат, само благодарение на таа игра како лев бек на времето“.

Во младоста имал проблем со килажата. „Бев многу брз како лев бек, но подоцна се поправив многу и изгубив на брзина. Кога тренерот примети, ме стаи понапред, зад напаѓачите за да помагам со својата техниа. Од тогаш таа позиција ми е најкомфорна, зад напаѓачите“, вели Кавеџи.

Омилени играчи на времето му биле Алекс де Соуза од Фенербахче и Месут Озил.

„Го сметам Озил за еден од најдобрите играчи на светот на својата позиција, внимателно гледав како игра. Уште ме споредуваат со Серген Јалчин (лево крило кој во '90-те и 2000-те се прослави во Бешикташ) и тоа ми годи“.

Ирфан Кавеџи има 25 години. За репрезентацијата на Турција дебитирал во март 2018 против Ирска (1:0) и досега има 14 настапи. Од 2017-та година е во Истанбул Башакшехир (преминал за 1,6 милиони евра), а головите против РБ Лајпциг му беа први во Лига на шампиони.

Претходно, во Лига Европа уште еден фантастичен левоног турски репрезентативец блесна со хет-трик против Милан.