Феликс Афена Гјан синоќа го имаше само третиот професионален настап во сениорска категорија кој ќе го памети цел живот.
Дебитираше против Наполи пред еден месец, потоа доби шанса и против Каљари и веќе на гостувањето против Џенова блесна.
Мурињо го пушти во игра во 74 минута и при резултат 0:0 за 12 минути даде два гола со кои го реши мечот. За издвојување е вториот.
По постигнувањето на првиот гол Афена Гјан веднаш истрча директно Жозе, а за тоа имало причина. Сакал да го потсети за ветувањето што му го дал.
„Му ветив на Феликс дека ќе му купам чевли кои многу му се допаѓаат, а се многу скапи и чинат 800 евра. Тој притрча до мене и ми рече да не заборавам. Ќе му ги купам во понеделник и тоа ќе биде првото нешто што ќе го направам“, изјави Мурињо.
„Му благодарам на господ за шансата која ми ја даде, потоа на тимот, на тренерот и на навивачите за големата поддршка. Сакам да и се заблагодарам и на мајка ми. Таа е во Гана. Те сакам“.
„Мурињо е голем човек и голем тренер. Секој ден ме мотивира за да учам повеќе. Многу сум среќен што е тој тука“, изјави тинејџерот.