Џез, море, барка и Лацио - кој е човекот кој прави најголемо изненадување сезонава?

Рикардо, едно од трите деца на тренерот на Лацио Марко Барони игра за Албинолефе во Серија Ц. И тој не е единствен кој се чуди на неверојатните резултати на неговиот татко кој ги изненади баш сите, па дури и оние кои го избраа.

Марко Барони заедно со Рафаеле Паладино, младиот тренер на Џенова ги воодушевија сите во Серија А.

После 15 одиграни меча во најдобрата италијанска лига, Лацио е на само 3 бода помалку од лидерот Аталанта и има исто бодови со Фиорентина и Интер кои имаат и меч помалку.

Римскиот клуб има 10 победи, 1 нерешена и 4 порази сезонава во Серија А што е право чудо ако се земе предвид катастрофалниот преоден рок кој по којзнае кој пат го повтори првиот човек на Лацио Клаудио Лотито со соработниците.

Уште пофасцинантен е фактот дека Лацио е владетел во Лига Европа каде после 5 одиграни рунди има 13 бода (4 победи и 1 нерешена) и се наоѓа пред екипи како Атлетик Билбао, Манчестер Јунајтед, Тотенхем, Лион, Ајакс, Ајнтрахт Франкфурот, Олимпијакос и други.

Главен архитект, изведувач и надзор на овие успеси на Лацијалите е до скоро анонимниот тренер Марко Бароне.

СЕМЕЈСТВОТО СЕКОГАШ НАЈГОЛЕМА ПОДДРШКА

Тренерот на Лацио уште од свои 14 години е заедно со својата Патриција која му била девојка а после седум години му станала и сопруга. Имаат три деца, Стефано, Елена и Рикардо. Токму најмладиот, Рикардо игра во Серија Ц во Албинолефе и тоа стопер како татко му на времето. Сезонава веќе има 2 гола.

РОДЕН ВО СИМБОЛОТ НА ТОСКАНА КАДЕ ПОЧНАЛ СО ФУДБАЛ

Марко Барони е роден на 11-ти септември 1963-та година во Фиренца. Кариерата ја почнал токму во Фиорентина а подоцна го носел дресот на многубројни италијански клубови меѓу кои Монца, Падова, Удинезе, Рома, Лече, Наполи, Болоња, Анкона, Верона и Рондинела.

Интересно, Марко Барони е поранешен фудбалер на Наполи и во 1990-та година бил стрелец на гол за Наполитанците вреден скудето во времето на Диего Марадона. Играл како стопер во таа триумфална генерација на Аргентинецот.

Парадоксално, во сезоната 1989/19990 како играч на Наполи токму против Лацио на стадионот „Диего Армандо Марадона“ (тогаш „Сан Паоло) со прекрасен гол со глава му донел титула на градот Неапол (втора во историјата). 

Но како и во животот, така и во фудбалот има подеми и падови па во втората сезона во Наполи Марко Бароне го промашил клучниот пенал во 1/8 финале за Наполи против Спартак Москва кога екипата била зрела да јуриша кон европскиот пехар.

Во 2000-та година ја завршил богатата играчка кариера.

Барони набрзо почнал да учи за тренер и полека влегувал во тие води.

Искуството го стекнувал во пониските италијански лиги каде се калеле и најдобрите италијански стручњаци, а со помал или поголем успех бил тренер на Рондинела, Монтеварки, Карарезе, Јужен Тирол, Анкона, Сиена, Кремонезе, Виртус Ланчано, Пескара, Новара, Беневенто, Фрозиноне, Кремонезе, Лече, Верона...

На клупата на Лацио седна по престојот во Верона со која заврши на очајно 13-то место и затоа неговото назначување на клупата на „бјанкочелестите“ беше прав шок за многу тифози.

Во минатото Барони го водеше и Лече во две сезони (во првата се избори за пласман во Серија А од втора лига а после во претпоследно коло го спаси клубот од испаѓање пак назад во Б. Се спасиле чудесно од испаѓање во втора лига со гол на Коломбо во 101-ва минута од пенал).

Во кариерата од 2011 до 2013 бил тренер и на младинците на Јувентус Примавера и со нив го освоил светски познатиот турнир во Вијареџо во 2012-та во финале против Рома за која тогаш играл Леонардо Спинацола.

Тој уште од времето кога го водел Лече раскажувал дека станува многу рано секој ден, во 5 часот наутро. „Мислам дека во тоа време човек е многу полуциден. Штом станам почнувам да ги листам документите или видеата што ги спремав претходната вечер. И тоа трае два часа пред да доручкувам.

КОЛЕКТИВ А НЕ ПОЕДИНЕЦ

Марко Барони многу верува во екипен менталитет. По победата над Наполи на гости на Инстаграм напиша: „Не служат малкумина, не се доволно многумина, потребни се сите“ и ги фрли во голема еуфорија бројните тифози на Лацио кои веќе не кријат дека имаат големи апетити за успешна сезона со новиот шеф.

Во само три дена два пати го скротија жилавиот Наполи на Антонио Конте што малку кому му успеало во последно време.

Пред некоја недела на радио станицата Lazio Style Radio Барони го појасни својот стил: „Никогаш не ја врамувам екипата во мојот модел на фудбал, туку барам да најдам начин во кој секој индивидуалец ќе се пронајде преку моделот на екипата. Не можам да барам од играч да не прави нешто што знае добро да го прави, само за да го задоволи мојот фудбал. Тренерот треба да знае да го вреднува поединецот, човекот има потреба да биде ценет а фудбалерите имаат потреба од решенија, не од проблеми. Нив треба да ги решава тренерот, а на играчот да му предолжи само решенија“.

БАРКА, МОРЕ И ЏЕЗ

Марко Барони подеднакво колку што сака фудбал сака и да плови со својата барка. „Во морето мора да се пазите, вниманието секогаш мора да ви биде напред за да сфатите што би можело да се случо, често кога нешто ќе се случи веќе е предоцна. Овој аспект беше многу поучен за мене и ми помогна многу во водењето на екипата“.

Покрај морето Барони голема страст има и за џез музиката која ја слуша во слободно време...

Периодов Лацио оди на техно погон а навивачите уживаат во секој постигнат гол и нови победи.

10 декември 2024 - 10:16