Квалификациите за ЕП 2016 речиси да ги загубивме, по што новиот селектор Друловиќ вели дека на играчите не треба да им се става никаков психолошки товар и дека резултатите ќе дојдат само со макотрпна работа. Во однос на визијата и новиот концепт на игра, Друловиќ вели:
„Мислам дека македонската репрезентација има квалитетни фудбалери кои ќе се вклопат во мојот систем. Сигурен сум дека уште од првиот натпревар ќе покажеме дека можеме. Својата тренерска школа ја завршив во Португалија. Го сакам нивниот стил на работа и ќе се обидам да им го пренесам на играчите заедно со помошникот Луиз Диого Кампош", изјави Друловиќ.
На прашањето колку е запознаен со фудбалските прилики во нашата земја, Друловиќ зборуваше дека ги следел последните неколку натпревари и дека како човек од фудбалот добро знае за случувањата во Македонија.
„Од 1999. година како играч последен пат бев во Скопје. Верувам дека ќе оствариме добри резултати. Сè уште не разговарав со Бошко Ѓуровски, но знам дека може многу да ми помогне. Се познаваме и имаме добри односи. Фудбалот е мој живот и добро сум информиран за македонскиот фудбал. Во стручниот штаб го избрав и Игор Ангелевски, тренерот на Работнички кој одлично ги познава приликите во македонскиот фудбал и ќе ми биде од голема помош", додаде популарниот Друла.
Македонската фудбалска јавност најмногу се надева во евентуално враќање на поранешниот капитен Горан Пандев.
„Во однос на Пандев, сметам дека никој од вас новинарите, па така ни јас не ги знаеме добро причините поради кои Пандев си замина од репрезентацијата. Јас ќе зборувам со него, за фудбалер од таков калибар вратата во селекцијата секогаш ќе биде отворена“, призна Друловиќ дека размислува да го реактирива фудбалерот на Галатасарај.
Дел од новинарите не пропушти прилика да го потсети Друловиќ на некои натписи во домашните медиуми, каде се пренесе ставот на некои албански фудбалери дека ќе го бојкотирале Друловиќ затоа што бил Србин.
„Фудбалот е ист во целиот свет, универзален. Не е важно дали е некој Албанец, Македонец или Србин. Со својот однос секој играч мора да го оправда повикот и очекувањата на македонската јавност. Јас сум човек кој 30 години е во фудбалот. 20 години имав врвна кариера како играч во странство, така што оставам на фудбалерите да го оправдаат повикот без разлика кој е и од каде доаѓа“, констатираше Друловиќ.
Своето деби на клупата, Љубинко Друловиќ ќе го има против Словачка на гости