Што се случи?
Во Италија се разгоре голем скандал после римското дерби. Причина: Сенад Лулиќ после мечот кој неговиот Лацио го загуби 0:2, во јавување за студиото на каналот Mediaset Premium го навреди црномурестиот бек на Рома, Антонио Рудигер.
„Рудигер почна да нè провоцира уште пред мечот, на загревањето. Пред две години продавал чорапи и каиши во Штутгарт, а сега се замислува дека е феномен. Тоа не е негова вина, туку тие кои работеле со него. Тие не го воспитале на прав начин“, изјави Лулиќ и ја разбрани целокупната јавност во Италија и пошироко.
Кога новинарите го прашаа Босанецот да подразмисли и да се извини, тој одговори: „Го кажав тоа што го мислев.“. Во следната изјава за ТВ канал, од Лулиќ одново побарале да се извини и го прашале зшто му требало тоа за Рудигер, но тој одбил и кажал: „И белците исто продаваат чорапи“.
Брзо реагираа многу личности од светот на спортот, меѓу кои прв се огласи Кристијан Панучи, стручен коментатор за Mediaset Premium и поранешен играч на Рома: „Лулиќ го достигна дното. Ова е дно на дното“, рече Панучи.
Кој е Рудигер?
Антонио Рудигер е репрезентативец на Германија, роден и израснат во Берлин. Татко му на Рудигер е Германец Матјас Рудигер, а мајка му Лили е од Сиера Леоне. Рома го купи дефанзивецот на Штутгарт за 9 милиони евра. „Уличен продавач“ е најизвесен расистички стереотип во Европа.
Што направи Лацио?
Римскиот клуб чиишто тврдокорни ултраси имаат репутација на про-фашистички десничари се извини за изјавата на својот играч.
„Клубот е потресен од таквите коментари и начинот на кои се интерпретирани. Се извинувам во името на клубот, тие зборови беа кажани во афект на играчот кој штотуку изгуби дерби. Ги премина границите. Сè почна после зборовите на фудбалерите на Рома, но треба да се воздржиме и да повикаме на здрав разум.Најважно е што ја признавме грешката. Сакаме натпреварите да се играат во атмосфера на фер плеј, тоа е во духот на Лацио“, изјави шефот на прес-службата на Лацио Артуро Диаконале.
Како реагираше Рома и самиот Рудигер?
Спокојно и мирно. Главниот тренер на Рома, Лучано Спалети за изјавата на Лулиќ рече: „Пуштете го нека зборува. Пуштете го нека зборува и нека каже што сака, така ќе покаже каков човек е“, рече Спалети.
Рудигер после мечот постираше фотографија од прославата на победата против Лацио.
Како помина дербито?
По голот со кој го отвори резултатот, Холанѓанецот Кевин Стротман испровоцира инциденти. Отиде да го прослави погодокот со навивачите на Рома а при бавното враќање на теренот, намерно со шишето го испрска во главата фудбалерот на Лацио Данило Каталди кој се загреваше. Каталди веднаш го повлече Стротман за дресот поради што доби директен црвен картон, но Лацио остана со 11 играчи на теренот. Стротман доби само жолт картон.
Конечниот резултат 2:0 го постави Раџа Наинголан со гол од далечина.