Во последното 34. коло, Интер со 20 победи зад себе, предводен од тренерот Ектор Купер, истрча на „Олимпико“. Нераѕурите го ловеа првото Скудето после 1989-та година, најдолг период во клупската историја без вредниот трофеј. Јувентус им дишеше во врат со само еден бод помалку.
Луди работи се случуваа тој ден.
Пазете ги тимовиве. За Лацио играа: Перуци, Фавали, Коуто, Неста, Јап Стам, Стефано Фиоре, Џаникеда, Поборски, Диего Симеоне, Дејан Станковиќ и Симоне Инзаги.
А Интер дојде во страшен состав и со преку 30.000 свои навивачи кои направија десант на Рим, да го прослават скудетото во главниот град. Толдо, Занети, Кордоба, Матераци, Грешко (хм...), Ди Бјаџо, Кристијано Занети, Консеисао, Рекоба, Роналдо, Виери. На клупа им беа Сидорф, Емре Белозоглу, Далма, Мохамед Калон...
Интересно, Лацио и Интер се клубови кои одамна негуваат пријателски односи, а особено се блиски навивачките групи на двата тима. Притоа во игра за скудето беше и нивниот вечен ривал, а тоа играше улога кај симпатизерите на небесно-сините. Дури имаше и шпекулации дека водството на Иридучибили барало од своите играчи малку да кренат рачна и му допуштат на ортачкиот Интер да го освои Скудетото.
Навивачите на Рома се разбудија со помислата дека може да ги претркаат Јувентус и Интер и да стигнат до титулата. Рома беше трета и заостануваше само 2 бода од првото место. Играа против Торино на гости, а Јувентус против Удинезе на гости (Удине се бореше за опстанок).
Сепак цело внимание беше свртено кон „Олимпико“ каде Роналдо, Рекоба и Виери беа наострени да ја крунисаат сезоната.
Во Удине брзо беше готово. Трезеге, кој беше најдобар стрелец во лигата, го постигна 24. гол во сезоната и го отвори резултатот а Дел Пјеро го потврди триумфот и се чекаа вести од Рим.
А таму, Интер поведе со 0-1 преку Бобо Виери, но Карел Поборски брзо израмни на 1-1. До полувремето Ди Бјаџо го доведе миланскиот состав во нова предност и веќе сите очекуваа да поминат уште 45 минути до фештата на нераѕурите.
Но тогаш се случи нешто непредвидливо. До денешен ден не е јасно зошто фудбалерите на Лацио запнаа од петни жили да направат пресврт и покрај тоа што победата на Јувентус ја оневозможи Рома да се надева на титула.
Следеа рафали од Поборски, Симеоне и Инзаги за победа на Лацио од 4-2. Уште се памтат сцените кога Роналдо плачеше на сред терен (за неколку недели замина во Реал Мадрид). Масимо Морати тагуваше заедно со преку 30.000 навивачи.
Во Удине и околината навивачите на Јувентус буквално блокирале улици и автопати во неочекувано славје.
Рома со гол на Касано победи во Торино и заврши како втора на табелата зад Јуве. Како што подоцна изјави нивниот тренер Капело, тие ја изгубиле шансата претходно во Венеција кога ремизираа со домаќинот кој веќе беше испаднат од лигата.