Делегацијата на Ал Хилал попи корпа во Париз

Агресивната навала на Арапите со купување фудбалски ѕвезди од Европа со многу пари, не може да упали секаде. Безобразниот обид со Мбапе им пропадна.

Килијан Мбапе одбил секаква дискусија за трансфер со претставниците на Ал Хилал кои вчера пристигнале во Париз, пишува Лекип.

Додека Саудијците имаат план со речиси неограничени средства да го грабнат најпосакуваниот напаѓач во светот, тој не бил заинтересиран ниту да седне на преговори.

Ал Хилал беше спремен на ПСЖ да му плати 300 милиони евра за Мбапе, а за играчот да издвои вкупно 700 милиони евра за една година.

Фабрицио Романо пишува дека 200 милиони од таа сума би била во плата, а останатите пари до 700 милиони како дел од комерцијални договори и права.

Но делегацијата на клубот од Ријад кој веќе ги има Милинковиќ Савиќ, Кулибали и Рубен Невес на патувањето имала повеќе цели.

Првата се состоела од финализирање на трансферот на Малком од Зенит кој го купија за 60 милиони евра. Поранешниот напаѓач на Бордо и Барса имал медицинска посета во Париз.

Потоа ангажман на уште едно славно фудбалско име, а тоа е Марко Верати со кој според познатиот италијански инсајдер се блиску до договор. 

И тука веројатно нема да застанат. Следната мета им е Виктор Осимен, една од клучните фигури на Наполи за освојувањето на Скудетото кој заврши прв стрелец во Серија А минатата сезона.

Инаку пред стартот на новата сезона, ситуацијата со Мбапе почнува да станува комплицирана. ПСЖ го исклучиле од патувањето во Јапонија и Јужна Кореја и убедени се дека има таен договор со Реал Мадрид за 2024-та.

27 јули 2023 - 09:54