Пабло Даниел Освалдо реши на 30 години да ја заврши фудбалската кариера. На средината од мај годинава, Бока Јуниорс го раскина договорот со него поради кршење на клупските правила и лошо поведување.
До последниот ден од преодниот рок, Освалдо (1986) бил понуден на неколку клубови кои познавајќи го неговиот тежок карактер, го одбиле. На крајот се заинтересирал Киево и напаѓачот требал да се договори со нив.
Оддеднаш во текот на вечерта им соопштил на аргентинските новинари дека се повлекува од фудбалот и се посветува на музиката.
„Ако не играв фудбал, денес ќе можев да кажам дека сум станал добар рокер или ќе свирев блуз“, изјави Освалдо кој сега е решен да се посвети на свирките.
Центарфорот не можеше да не се забележи, затоа што покрај фудбалот, тој имаше и специфичен карактер. Не трпеше авторитети и поради тоа кариерата му отиде во надолна линија. Повеќе изгледаше на некој револуционер кој сака да седи во зачадена биртија.
Конфликтите на Дани Освалдо:
- Еден е од ретките кои јавно го поддржа маи-герито на Ерик Кантона на трибините затоа што „не ги разбирал навивачите кои само навредуваат“;
- Додека играше во Еспањол на Плаца де Каталуња му се исполни сонот, затоа што свиреше гитара на плоштад додека луѓе поминуваа и не го познаваа кој е;
- Кога играше во Рома, го удрил сонародникот Ерик Ламела поради тоа што овој му рекол „не си Марадона“;
- Додека беше во Саутемптон се степа со соиграчот Хозе Фонте и му го скрши носот;
- Спортскиот директор на Рома, Валтер Сабатини толку многу не знаел што ќе прави со него што решил во тренинг кампот во Тригорија да го намести кај навивачите за да го навредуваат. За тоа се дозна затоа што не ја спушти слушалката.
- Последно Освалдо играше во Бока Јуниорс, од каде го отпуштија поради тоа што го фатија со цигари во соблекувална. Тренерот Гиљермо Барос Скелото го извади во 85’ минута од еден меч, а Освалдо заминал во соблекувалната и запалил цигари. Потоа тренерот во договор со Карлос Тевез решил да го суспендира Освалдо.