Далиќ, Модриќ и цела Хрватска грмат на УЕФА за судијата и продолжението

Хрватската фудбалска репрезентација секунди ја делеа од нов историски триумф, нова победа над една од топ10 репрезентациите на светот. Ја имаа Хрватите Италија во шака. Водеа 1-0, добро се бранеа но на крај примија гол кој најверојатно ги враќа дома.

Хрватска прими гол во 98-ма минута (или ако сакате поточно во 97-ма минута и 19 секунди). Матија Ѕакањи фудбалерот на римски Лацио е човекот кој им го загорчи животот, но повеќе се кивни на главниот судија Дани Макели од Холандија.

Зошто продолжи 8 минути кога за тоа велат Хрватите немало никаква потреба. Хрватска е практично испадната. За да оди во следна фаза треба да се случат огромни чуда што е во доменот на невозможно.

Селекторот Златко Далиќ неколку пати синоќа и денес зборувал за судијата и за непочит кон нивната репрезентација.

„Боли, баш боли и ќе боли уште долго. Не е лесно, но кога ќе погледнеме сè, некаде ти дава, некаде ти одзема. Оние пенали кои ги проаѓавме, некои течки натпревари и сега е затоа 1:1. Знаевме да уживаме во победите, мора да знаеме да се однесуваме и во овие тешки моменти. Јас сум исклучителен кривец што не поминавме група. Јас сум крив. Можам да ги пофалам играчите, се мачеа и се трудеа овие месец дена. Не ни одеше и тоа е тоа“.

„Секако, тој (судијата) влијаеше на резултатот. Не знам каде ги најде осум минути продолжение воопшто... Но јас веќе пет години зборувам за тоа дека сме ние мали за нив и дека се бориме сами. Но што и да зборувам, зборувам во ветер и испаѓам смешен. Не може да има осум минути продолжение, поради што? Фаул, прекини?

Нема да барам алиби во судијата. Имавме се во свои раце против Албанија, сега добивме гол во 98’ минута и морам да гледам на нас, но жал ми е што Хрватска не ја признаваат и не ја почитуваат. Ние играме во 15 часот, играше ли тогаш Франција? Германија? Португалија? Англија? Тоа е тоа. Со Мароко во Катар во 13 часот, тоа е така“, вели Далиќ револтирано и додава:

„Се бориме сами. Сакам само да им се заблагодарам на играчите на трудот и маката, не беше ова наш турнир. Им благодарам и на навивачите, сто илјади дојдоа и на тоа сме горди. Причината за испаѓање ќе ја барам во нас, не можеш да примиш гол во 98’ минута. Мораш да легнеш на топка, да не им дадеш да ја испукаат... Тоа е тоа.

Лука Модриќ, капитенот и лидер кој го постигна единствениот гол и кој стана највозрасен стрелец на погодок во историјата на Европски првенства, вели:

„Не заслуживме да примиме гол. Не знам од каде судиите извадија осум минути продолжение. Кога губиш, не помага утеха. Фудбалот е суров и ние го осетивме тоа на себе“, вели Модриќ.

Некогашниот шеф на хрватскиот судиски комитет во ХНС, Бруно Мариќ на сајтот Sportske Novosti имал разбирање за холандскиот судија Дани Макели.

„Тешко е да се биде објективен да се коментира судење на маса за вака важен и емотивен меч, но ќе се погрижам да дадам максимално објективна анализа.

Имам чувство дека секоја сомнителна ситуација ја даваше во полза на Италија. Гледајте го судијата при пеналот кој тој не го виде. За мене тоа беше знак дека раката беше далеку од телото, судијата беше идеално наместен и требаше да го види тоа. За среќа има ВАР па одлуката за пенал беше потврдена.

Ако ги видиме опомените за нашите играчи, сите се оправдани. Но проблем е во тоа што такви моменти неколку имаше и од италијанска страна кои не беа санкционирани.

Компензацијата на време одговараше на инструкциите дадени од Колина пред Европското првенство. Таа не е многу голема но е опасна за играчите. Сакам да верувам дека би дал осум минути и ако губеше Хрватска.

Макели нема да има проблем, иако негативна оцена ќе има поради пеналот кој веднаш не го досуди. Но се чини дека неговите критериуми беа неповолни за Хрватска. Ова е нешто најблаго што може да го напишам а да не преминам граница на пристојно.

25 јуни 2024 - 12:22