Нашата поента не е да ви пишуваме за репрезентацијата на Република Ирска, туку да видиме од каков мастраф е направена нивната лига за која не знаеме да наброиме два клуба и еден играч, а богами не сме ставиле ниту еден натпревар од таму ниту на тикет.
Првата позитивна работа за ако ви текне некогаш да го пратите ирското првенство е тоа што нема да ви се поклопи со англиско, италијанско или шпанско првенство, бидејќи повеќето од натпреварите се играат во петок.
Инаку се работи за мала лига составена од 12 клубови и има два повеќе од нашата, но според рангот на УЕФА не веруваме дека нуди некоја посебна убавина. Стационирана е на 40. позиција во Европа или само едно место погоре од македонска лига.
Постои од 1925 година, а се ребрендираше во 1985 и од тогаш се вика Премиер дивизија. Новата сезона почна изминатиов викенд и ќе трае до октомври. Титулата ја бранат фудбалерите на Дандалк, а најголеми фаворити сезонава освен ланскиот првак ги смеаат и Сент Патрикс и Роверс.
Во Шпанија лесно е да се предвиди дека за титулата ќе се борат Реал и Барса, а во Англија Челси и Манчестер Сити. Но кај Ирците не оди така тоа, бидејќи во изминативе 10 години, дури 8 различни екипи станале шампиони.
Натпреварите не нудат спектакли со по 70 – 80.000 навивачи, бидејќи стадионите им се мали и во просек имаат по 5-6.000 седишта, но навивачите своите миленици имаат привилегија да ги гледаат од близу, исто како што е во англискиот фудбал.
Клубовите се тесно поврзани со своите градови и ги носат нивните имиња, како што е Дандалк, Слиго Таун или Корк Сити. Во ирскиот фудбал нема скапи ѕвезди, играчите растат и зреат во своите матични клубови и најголемата поддршка ја добиваат од своите локални навивачи.
Карта за натпревар се наоѓа за 15 евра, студентите имаат попуст и за нив се по 10 евра. Сезонските влезници почнуваа од 119 евра па нагоре, за студентите се од 79 евра, а за тинејџери најевтините чинат 49 евра. Најголемиот дел од стадионите имаа барови каде пиво е 3,5 евра, а на трибина смеете да внесете и хамбургер.
Навивачите често пати имаат можност да гледаат отворен фудбал, па дури и кога се среќаваат екипи од долниот дел на табелата. Пример за тоа е ланскиот меч меѓу десетто пласираниот Бреј кој дома загуби 3:5 од УЦД кој потоа испадна во втора лига.
Ирците лани имаа можност да видат и нешто вакво, во изведба на Колин Хели од Корк Сити.
Иако зборуваме за лига која според УЕФА коефициентот е 40-та во Европа, а нашата е 39-та, сепак Ирците се горди со тоа што го имаат и секое коло ги полнат малите стадиончиња кои имаат душа и на кои се чувствува големата фудбалска страст.
Во нашата лига нема ниту вакво видео