Чудото во Белгија - разбудениот гигант после 48 години се врати во прва лига и лидер е на табела

Идиомата заспаниот гигант која во спортот први ја сковаа англиските медиуми (Sleeping Giant) најдобро го опишува белгискиот клуб Ројал Унион Сент Жилоа (Union Saint-Gilloise), познат едноставно како белгиски Унион.

Сопственик на овој клуб од мај 2018-та година е англискиот милионер и професионален покер играч, Тони Блум кој од 2009-та година со голем успех го води премиерлигашот Брајтон во Англија.

Бриселскиот Ројал Унион Сент Жилоа е еден од најтрофејните спортски колективи во земјата, по број на освоени титули веднаш зад Андерлехт и Клуб Бриж.

Зошто овој клуб е многу непознат дури и за самите Белгијци? Затоа што во прва лига не играле уште од 1973-та година! А последната титула „унионистите“ ја освоиле во далечната 1935-та. Имаат вкупно 11 шампионски пехари.

Малку се познати и во Белгија, но инвестицијата на Тони Блум во 2018-та го разбуди заспаниот гигант од длабок сон. Унион денес е лидер во белгиската елитна прва лига со 4 бода зад второпласираниот, со најмногу дадени и најмалку примени голови. Викендов го згромија Шарлоа со 4:0!

Но не се работи за пари, напротив сопствениците не трошат скршен фенинг на нови, скапоцени ѕвезди, туку носат бесплатни фудбалери.

УНИОН ЗА МАЛКУ ЌЕ ЗГАСНЕЛ УШТЕ ПРЕД 45 ГОДИНИ, АМА ГО СПАСИЛЕ ЛОКАЛНИТЕ ВЛАСТИ И НАВИВАЧИТЕ

Табелата во белгиската лига после 13. кола е големо изненадување за сите кои одвреме навреме фрлаат поглед на тамошниот фудбал.

Белгиската лига не е меѓу топ првенствата на таблицата на коефиценти во УЕФА е на 13. место, меѓу Србија и Швајцарија. Иако белгиските клубови редовно и со солиден успех играат во еврокуповите а нивните младински академии во последните години редовно вадат нови бисери за европскиот фудбал. 

Во скромниот Генк почнале Тибо Куртоа, Кевин Де Брујне, Кристијан Бентеке, Дивок Ориги, во Стандард Лиеж Аксел Витцел, Маруан Фелаини и Миши Батшуаји, во Жерминал Бершот Јан Вертонген и Тоби Алдервејрелд итн.

Клубот Унион Сент Жилоа во таа смисла не е фабрика на таленти. Во последните 50 години клупската академија не извадила ниеден познат играч кои стигнал до големите европски клубови. Последно познато име од кај нив во 2004-та година бил Набил Дирар кој играше во среден ред и блесна во Клуб Бриж, во Монако и Фенербахче, а со репрезентацијата на Мароко играше на два меча од Светско првенство 2018.

Клубот Ројал Унион од 1973-та до 2021-ва ниеднаш не играл во најдобрата белгиска прва лига. Клубот од југот на Брисел во 1975-та година испаднал во трета лига и го изгубил професионалниот статус. Во тој момент клубот кој тонел го спасил амбициозниот бизнисмен Гислан Баје. Тој ветил дека за пет години ќе го направи Унион шампион, а во тимот донел неколку искусни играчи меѓу кои и ѕвездата на Андерлехт од тоа време, Јан Верхејн кого тогашниот селектор на Белгија Рајмон Гуталс и натаму го викал во репрезентацијата иако овој играл во третолигаш.

Унион се вратил во втора лига, но не успеал повеќе од тоа. Сопственикот на клубот западнал во големи финансиски проблеми па во 1978-ма Унион прогласил банкрот. За малку 11-кратниот белгиски шампион ќе згаснел, ама успеал да се одржува во најниските дивизии благодарение на поддршката на општинските власти во бриселските реони Сен Жил и Форе и локалните жители кои ги полнеле трибините на малиот и стар стадион „Жозеф Мариен“ во живописниот парк Дуден.

Во тие години Унион добил понуди да се обедини со други побогати клубови, ама секогаш одбивале. Унион ја сочувал својата фудбалска историја и е важен елемент на културното наследство на Брисел.

УНИОН БИЛ НАЈГОЛЕМ КЛУБ ВО БЕЛГИЈА ДО ПОЧЕТОКОТ НА ВТОРАТА СВЕТСКА ВОЈНА, НА ОТВОРАЊЕ НА СТАДИОНОТ ИМ ДОШОЛ МИЛАН

Унион Сент Жилоа е основан во 1897-ма година во јужното бриселско предградие Сент Жил. Во тоа време веќе две години се играла белгиска лига а главни тимови биле оние основани од британски доселеници и студенти кои го увезле фудбалот од британскиот остров. Британски корени имаат најстарите белгиски клубови - Антверпен, Бриж и Моленбек.

За разлика од нив, основачи на Унион Сент Жилоа биле локални дечки кои сакале да ги измерат силите со Англичаните. Кога го создале клубот биле сите млади фудбалери а највозрасниот имал 19 години. Според архивите, „унионистите“ во тоа време биле познати по груба и агресивен фудбал и предизвикувале гнев кај противниците. Во весниците ги завикале „Апаши“ - во тој период така биле наречени бандите хулигани од париските предградија кои го тероризирале центарот на француската престолнина.

Во 1904 година, седум години по своето основање, Унион ја освоил првата титула. Тоа бил почеток на тотална доминација, и во следните 11 сезони, се до почетокот на Првата Светска војна, „унионистите“ од Сент Жил освоиле седум титули.

Најпознат нивен играч бил Луис Ван Хеге кој во 1910-та година отишол во италијански Милан. Овој белгиски центарфор за пет сезони во Милан дал 98 гола од кои 5 против Јувентус во мечот кој завршил со пораз на „бјанконерите“ 8:1, најубедлив пораз до денешен-ден.

По возобновеното фудбалско првенство на Беглија во 1919-та, конкуренцијата пораснала. Унион веќе не бил толку често на врвот, ама клубот добил свој стадион. Претходно областа Сент Жил активно се градела (денес тоа е најгусто населено подрачје во Брисел) и тимот морал постојано да бара други локации за своите домашни натпревари.

Во соседниот бриселски реон Форе добиле стадион со 8.000 места изграден на крајот од големиот и густ парк Дуден кој до ден денес го викаат „белите дробови“ на Брисел. Во изградбата на стадионот Stade Joseph Marien на Унион биле вклучени водечките стручњаци во градот, меѓу кои и скулпторот Оскар Де Клерк, класик во стилот ар-деко.

Во 2010 година овој стадион добил статус културно наследство. Сличен статус во Брисел има и паркот Дуден што го чини неприкосновен и кој не може да се проширува. Затоа стадионот никогаш не можел да биде проширен зошто ако се зголемел, би го расипал историскиот значај.

На отворањето на стадионот кој медиумите го опишале како „најмодерен на свет“ во тој период, имал рефлектори, осветлување кое тогаш било луксуз, а оваа иновација во Англија стигнала токму од Белгија. Унион дента на отворањето играл пријателска средба против гигантот Милан.

Последната титула ја освоиле во средината на 1930-те години. Главен историски ривал ден-денес им е соседниот Моленбек од Брисел со кого имаат големо ривалство.

После Втората Светска војна во белгиското првенство се појавил новиот хегемон од Брисил - Андерлехт кој почнал да освојува една по друга титула а Унион постепено паѓал во сенка. Во 1958-ма Унион стигнал дури до полуфинале на Купот на Саемски градови (претходник на Куп УЕФА) а на патот до таму ја совладале и Рома.

КОЈ Е НОВИОТ ГАЗДА КОЈ НАПРАВИЛ СОСТАВ БЕЗ МНОГУ ПАРИ, СО ПОМОШ НА КОМПЈУТЕРСКИ ПРОГРАМ

Кога во мај 2018-та година било објавено дека сопственикот на англиски Брајтон, мултимилионерот Тони Блум ќе го купи Ројал Унион Сент Жилоа кој пар сезони претходни играл во полу-професионалната трета лига па се вратил во втора лига, многу верни навивачи на тимот се плашеле дека скромниот клуб на стариот стадион наеднаш може ќе ги наруши Британецот со многу пари и ќе им ја уништи традицијата.

Но Блум ги смирил: „Јас девет години управувам со клуб од мојот роден Брајтон и знам колку тој клуб е важен за градот и луѓето. Долго време барав клуб во Европа каде би можел да го користам искуството кое го направивме во Брајтон. Прекрасно знам колку Унион е важен за корените на жителите на Брисел, знам за 11-те титули и историјата на вашиот волшебен стадион. Да се сочува ова е многу важно за мене“, рекол Блум со жолто-син шал околу себе на промоцијата.

Тој не се мешал никогаш во оперативните активности на клубот. Си го одржал зборот. Управувањето на клубот го презел неговиот бизнис партнер, 35-годишниот Австралиец Алекс Муцио кој 12 години работи во компанијата на Блум - Starlizard. 

Оваа компанија консултира сериозни играчи во обложување. Професионалниот покер играч Тони Блум разработил компјутерски програм кој анализира огромни масивни податоци за секој настан и бара слаба точка кај обложувалниците, па им дава прогнози на клиентите кои можат да зарабаотат.

Овој необичен метод Блум решил да го користи и во потрагата по играчи. Неговиот програм не пресметува само однос цена-квалитет и перспектива за развој во кариерата на фудбалерот, туку и компатибилност на играчот во тимот, како и техниката спремност, стилот на игра и менталитетот.

Блум и неговата десна рака Муцио решиле да проверат дали е можно да соберат тим од конкуренти играчи на ниво на прва белгиска лига, а практично да не потрошат пари за трансфери.

„Прво гледавме клубови во Холандија, но решивме да останеме во Белгија зошто тука е порамноправно првенството, нема така огромна разлика во класа и финансиските можности меѓу лидерите на табелата и сите останати се блиски“, рекол Муцио.

Тој додал и дека „не е типичен стар, дебел и со побелена коса клупски менаџер и дека не е од оние кои сакаат да одлучуваат се во клубот“. Муцио сметал дека членовите на клубот треба да си носат сами одлуки а негова задача е да најде играчи кои би биле евтини или бесплатни а би дале резултат.

Според Tranfsfermarkt, Блум и Муцио потрошиле на трансфери од 2018-та до сега нешто повеќе од 2 милиони евра, а повеќето фудбалери дошле бесплатно во клубот. Општиот размер на инвестиции на Блум во Белгија за тоа време стигнал до кај 20 милиони евра, а буџетот на клубот во првите три години не надминал 7 милиони евра.

Минатата сезона конечно ја склопиле сложувалката.

Тренер на екипата станал Белгиецот Фелис Мацу (54) кој претходно ги водел Шарлоа и Гент. Под негово водство Шарлоа првпат во историјата завршил трет на табела и обезбедил место во Европа.

Пред стартот на сезоната 2019/2020 потпишал договор со Генк кој учествуваше во групите на Лига на шампиони, ама таму му ги продале главните играчи (Леандро Тросард за 20 милиони евра во Брајтон кај Блум и Руслан Малиновски за 13 милиони евра во Аталанта).

Кога седнал на клупата на второлигашот Унион Сент Жилоа екипата немала ниедна ѕвезда, па тренерот Фелис Мацу се согласил со луѓето од управата преку методот на компјутерски програм да бараат играчи.

Прв бесплатно дошол 30-годишниот голман на репрезентацијата на Луксембург, Антони Морис и тоа од белгискиот второлигаш Екселсиор Виртон. Столб на одбраната станал 29-годишниот Англичанец Крис Берџс кој цела кариера ја поминал во Портсмут меѓу трета и четврта англиска дивизија.

Но главна и ударна сила на екипата станал тандемот напаѓачи. 22-годишниот Данте Ванзејр го сметале за голем талент во школата на Генк и играл за младинската репрезенација на Белгија, но на 18 години два пати скинал лигаменти на двете нозе и завршил на поајмица во Мехелен.

Додека бил во Генк, Данте Ванзејр кратко соработувал со тренерот Фелис Мацу и еднаш само што го ставил во игра во Суперкупот на Белгија, за 19 минути дал важен гол. Токму тренерот Мацу го повикал подоцна во Ројал Унион Сент Жилоа каде Данте блеска.

Негов партнер во нападот е 24-годишниот Дениз Ундав, дете на Вердер Бремен со турски корени. Компјутерскиот програм на Тони Блум го нашол него во германскиот третолигаш Мепен.

Верувале или не, тандемот Ванзејр - Ундав во втора лига дал 38 гола на 24 меча и биле најзаслужни што екипата на 5 кола пред крајот го обезбедила историскиот пласман во прва лига - прв после цели 48 години!

Сите навивачи и покрај глобалната пандемија и корона рестрикциите, излегле да го прослават историскиот успех.

Пред почетокот на новава сезона 2021/2022 управата на клубот го зголемила буџетот до 15 милиони евра. Навивачите очекувале сериозни засилување и напад на Европа, но сопственикот на клубот Тони Блум останал верен на своите убедувања. На трансфери не потрошиле ниеден цент иако ги чекала нова сезона во најсилната лига на Белгија.

Унион во елитата игра со ист состав чија вредност според Transfermarkt е 16,2 милиони евра. Во исто време составот на Клуб Бриж вреди 166 милиони евра, на Генк 134 милиони евра, а на Андерлехт 90 милиони евра.

Дошле единствено нов лев бек, Барт Ниукоп од Феенорд кој на 25 години не се изборил за шанса во својот клуб и го отпуштиле бесплатно и дошол Јапонецот Каора Митоа кој Брајтон претходно го купил од јапонски Кавасаки. Блум и Муцио демантирале дека сакаат Унион да го направат филијала за млади таленти од англискиот Брајтон. Јапонецот е единствен исклучок.

Со ист тим со кој играле во втора лига, сега после 14 одиграни кола во белгиската прва лига Унион Сент Жилоа има 10 победи, 1 нерешена и 3 порази. Со гол разлика 33:13 и 31 бод се лидери на табелата пред Антверпен и Клуб Бриж.

После 14 одиграни кола тандемот Ванзејр - Ундав постигнал 17 гола со 13 асистенции на двајцата и се најефикасен тандем во лигата. Селекторот на Белгија Роберто Мартинез дури и го повикал Ванзејр на поширокиот список во квалификациите за Светско првенство 2022.

Во тивкиот реион Сент Жил веќе се сонува за 12-та шампионска титула. Белгиските новинари се почесто го прашувале шефот на клубот, Алекс Муцио за тоа кога со сопственикот Тони Блум ќе почнат изградба на нов стадион, зошто стариот „Жозеф Мариен“ со старите трибини собира само 8.000 гледачи, многу помалку од бројот кој сака да го гледа разбудениот гигант.

8 ноември 2021 - 11:45