На 14 натпревари кои ги одиграа оваа сезона, фудбалерите на АПОЕЛ упатија само 51 шут кон противничкиот гол, најмалку од сите екипи во Лигата на шампиони.
Само Оцелул Галати со 3 милиони, Бате Борисов со 5 и Викториа Плзен со 6 милиони евра имаат помали буџети од оние 10 милиони со кои располага АПОЕЛ.
Се до голот на Густаво Мандука против Лион, АПОЕЛ немаше постигнато гол цели четири и пол часа. Никој не веруваше дека малиот клуб од Кипар ќе успее да го елиминира искусниот тим на Лион. Можеби тоа дополнително ги мотивираше фудбалерите на АПОЕЛ кои потпомогнати од 23.000 гласни навивачи на најголемиот стадион на островот со околу 800.000 жители, преку пенали се пласираа во четврт-финалето од Лигата на шампиони.
Успехот на АПОЕЛ најмногу се должи на паметното купување. Нашиот Иван Тричковски од Црвена Звезда беше купен за 350.000 евра, а денес неговата цена на трансфер пазарот е 1,2 милиони евра. Бразилецот Густаво Мандука беше доведен како слободен агент, а денес вреди 1,1 милиони евра.
АПОЕЛ стана првиот кипарски тим кој се пласираше во оваа фаза од Лигата на шампиони, а фудбалерите ќе бидат богато наградени за овој успех. Пред почетокот на сезоната, претседателот на клубот им вети на играчите дека ќе добијат 20% од целата заработка на клубот, а само до сега од Лигата на шампиони АПОЕЛ има загарантирани 25 милиони евра.