Човекот кој направи Бејл да заработува колку Меси

Џонатан Барнет е агент на неколку познати фудбалери меѓу кои најпознат е Герет Бејл. Барнет почнал да менаџира во боксот, но набрзо намирисал дека убава пара лежи во фудбалот.

Кога Герет Бејл лани одигра под нивото против Јувентус во полуфиналето на Лигата на шампионите, критики доаѓаа од цел свет. Рој Кин на пример изјави пред британските гледачи дека Реал вечерта играл со десеторица поради Велшанецот.
 
Агентот Џонатан Барнет го бранеше Бејл. Тој укажа на статистиката според која неговиот клиент добил многу помалку топки од другите напаѓачи:
„Бројките покажуваат дека луѓето не знаат што зборуваат кога го критикуваат Герет. Реал треба да работи со него, играчите се должни да му подаваат. Кога ќе го проигруваат, тој ќе стане најдобар играч на Реал. Се надеваме дека Реал е спремен за тоа“, изјави Барнет.
Зборовите на Барнет го погодија тогашниот тренер на Реал, Карло Анчелоти кој изјави:

„Менаџерот на Бејл не гледал наш тренинг, не ја знае атмосферата внатре за да суди од надвор. Подобро би било да замолчи." На тоа Барнет одговори во шега неодамна:

„Знам дека Анчелоти ме опцу тогаш. Но јас и натаму сум агент, а тој веќе не е тренер на Реал. Еден од нас беше во право."

Џонатан Барнет почнал да се занимава со менаџирање во средината на '90-те години кога ја основал компанијата Stellar. Таму му помагал таткото на неговиот ортак Дејвид Манасе со кој уште работи заедно.

До Stellar Барнет бил агент во Levitt Gropup каде кон крајот на '80-те го убедил раководството да го ангажира младиот Ленокс Луис. Луис стана Олимписки првак во '88-ма како репрезентативец на Канада чиешто знаме го вееше во рингот во Сеул.

Барнет дознал дека Ленокс веќе 12 години живеел во Лондон и одлучил од него да направи прв светски шампион во тешка категорија од Британија после 100 години. Првиот важен клиент на куќата Stellar станал крикет ѕвездата Брајан Лар. Барнет и Манасе сфатиле дека голема пара лежи во англиската Премиер лига, која тогаш уште била далеку од најдоброто првенство на светот.

Партнерите немале никакви контакти во фудбалот, се обиделе да се договорат со ѕвездите но не излегло ништо. Тогаш Барнет и Манасе преоѓаат на перспективни млади играчи и ги застапуваат Ричард Рајт, Кион Даер, Ледли Кинг и други идни англиски фудбалски ѕвезди кои почнале од нула.

Најпознат клиент на компанијата станал Ешли Кол. Во 2006. година Барнет ги нарушил правилата на англискиот ФА и организирал преговори на Кол со Челси без дозвола на Арсенал. Тоа беше голем скандал поради што навивачите го замразеа Кол кој беше нивен миленик.

Венгер за него од Стемфорд Бриџ доби 5 милиони фунти и Вилијам Галас. Варнет тогаш зборувал дека трансферот во Челси е најдоброто нешто во кариерата на Ешли Кол.

Арсенал до тогаш не освои ништо, а Кол освојуваше трофеи и заработуваше двојно повеќе во Челси. Од тој момент Џонатан Барнет стекнал многу повеќе клиенти. Во 2015-та, Телеграф пишуваше дека агенцијата има 13 фудбалери: Гејл, Рајт, Ешли Кол, Џо Харт, Војчех Шчешни, Скот Синклер, Лук Шо, Рафаел, Глен Џонсон, Фил Џагиелка, Стивен Најсмит, Силван Дистан и Тони Хиберт.

Барнет подоцна објаснил дека Stellar е влезен на светско ниво а компанијата има клиенти во Германија, Холандија, Шпанија и Јужна Америка. Во октомври минатата година, новинарот на Guardian Стјуарт Џејмс отишол во вилата на Барнет во Кан каде направил интервју со него.

Зборувале и за најдобриот светски фудбалски агент на денешницата - Жорже Мендеш кој е агент на Кристијано Роналдо, Жозе Мурињо и многу други ѕвеззди.

Барнет признал: „Мендеш е неверојатен агент. Го има Роналдо и тука сум немоќен. Тој го има најдобриот клиент, но најдобриот клиент не значи и најдобар агент. Тој има други методи, работи со клубовите, а ние со играчите. Мендеш е успешна личност. Одличен агент е, но јас сум подобар."

Аргумент му бил патот на Герет Бејл.

Во јануари годинава, Football Leaks потврди дека трансферот на Бејл е поголем од оној на Роналдо и изнесува 100 милиони евра. Новинарот на The Times, Џонатан Норткрофт раскажал дека кога правел интервју со Бејл, Велшанецот му рекол дека Реал не му дозволува да кажува колку изнесува трансферот.

61-годишниот менаџер вели дека сега не се занимава речиси со никој друг освен со Велшанецот. Го радуваат успесите на Бејл кој постигна 19 гола сезонава, има најмногу погодоци со глава во Европа, го постигна голот што го однесе Реал во финалето и стана најпродуктивниот Британец во историјата на шпанската лига.

Кристијано се поврзува со ПСЖ, Иско и Хамес се на трансфер листата за летово и тоа потврдува дека Бејл треба да стане лидер на Реал во следните сезони. Пред неколку дена стигна веста и дека Барнет преговара со Реал околу новиот договор за Бејл според кој играчот до 2021. година ќе заработува 336.000 фунти неделно. Тоа е повеќе и од Роналдо и од она што според договорот му следува на Меси.

„Отсекогаш зборував дека во блиска иднина Герет Бејл ќе стане најдобар играч на светот", констатира Ричард Барнет.