Пред две години Карло Тавекио го победи поранешниот фудбалер на Милан и Италија, Деметрио Албертини во трката за претседател на FIGC, Италијанската фудбалска федерација. За стариот Тавекио гласаа 63,3% од гласачите а за Албертини - 33,95%.
Но Тавекио (71) набрзо направи неколку скандали па пола Италија се држеше за глава како можеле од толку легенди да го изберат баш него да го води фудбалот.
„Во Англија ги испитуваат играчите кои доаѓаат, и ако се професионалци, им дозволуваат да играат. Овде кај нас земаме „Опти Погба“ кој претходно јадел банани и оддеднаш станува првотимец на Лацио“, изјави Тавекио после што го суспендираа од ФИФА каде беше член на Главниот одбор.
Оваа изјава го заинтересира и Јавното обвинителство во Италија, но Тавекио го оправдаа колегите и куртули. Причина за тоа беше отсуство на реална основа за прекршок.
Потоа Тавекио почна да предлага реформи во италијанскиот фудбал. Воведе лимит на странци во екипите по системот ’4+7’: на терен може да играат не помалку од 4 Италијанци и не повеќе од 7 странски играчи.
Најнова идеја на Тавекио е кратење на Серија А од 20 на 18 екипи, како во ’90-те години. Така, според него, италијанската репрезентација ќе има повеќе време да ги завршува должностите. Тавекио предложи и поостри казни за актерите во местење натпревари па спомна и долги затворски казни. Првите две реформи никој лично не ги поддржал. Освен тоа Аѕурите лесно се пласираа на Евро 2016 што значеше дека предлозите на Тавекио „се смешни“. Но Карло не се откажа.
Во Франција, Италија во четвртфиналето испадна од Германците на пенали. И Тавекио одново се активираше. На почетокот на септември изјави дека Серија А мора да се крати.
„Очигледно е дека не можеме да сториме се за една година. Идеата треба да се планира 4-5 години. Мислам дека Серија А треба да има 18 тима, Серија Б 20 плус две групи од по 20 екипи во Лега Про (трета по ранг професионална лига во Италија).
Тавекио за ова бара поддршка меѓу тренерите и претседателите на тимовите од елитната лига. Некои ја поддржуваат оваа идеја на главата на италијанскиот фудбал. Најгласен од сите беше Аурелио Де Лаурентис, првиот човек на Наполи кој обично стои настрана:
„Јас сум против реформата во Лигата на шампиони во овој облик. Наместо тоа, треба да се направи лига од 30 екипи од Топ 5 првенствата. Тоа значи дека италијанската лига ќе мора да се намали. Искрено според мене во А не би требало да има повеќе од 10 тимови. Во Формула 1 не користат болиди од Формула 2 и Формула 3. Точно е дека во Серија А треба да бидат само финансиски стабилните клубови со добри стадиони и доволно навивачи“, изјави неодамна Де Лаурентис како да подзаборави дека неговиот Наполи не така одамна играше во четвртата лига.
Италијанското првенство во моментов е како Бундеслигата : Јуве е главен фаворит за титулата. Сите останати се недоволно добри да им парираат на Торинезите.
Но дали реформата ќе ја зголеми конкурентноста на целата лига? Сигурно дека состојбата во Серија А ќе се подобри со нови инвестиции и нови стадиони, а не со намалување на бројот на учесници. Во секој случај Италија е фудбалска земја, без сомнеж.