Во досието се инцидентите во кои се вклучени Јан Вертонген, Џек Вилшер, Вејн Ратлиџ и Џо Харт. Во пакет со досието, Челси ќе ја пуштел и жалбата за намалување на казната на Србинот Немања Матиќ, кој според Мурињо, неоправдано е казнет три натпревари.
Лидерот во Премиер лигата подготвил бројни примери и видео снимки преку кои ќе докажува дека Челси нема ист третман кај судиите како останатите клубови во Англија.
Досието е составено од пет инциденти со фудбалери кои избегнаа драстична казна како онаа на Матиќ, кој реагираше откако фудбалер на Барнли остро му стартуваше. Мурињо подоцна изјави дека таквиот фаул над Матиќ се вика „крај на кариерата“.
1. Џо Харт - 2 ноември 2014
Голманот на Манчестер Сити со глава му влезе во лице на судијата Мајкл Оливер, откако не се согласи со една негова одлука во градското дерби меѓу Сити и Јунајтед.
Пресуда: Нема.
2. Џек Вилшер - 22 ноември 2014
Играчот од средниот ред на Арсенал го удри со глава во гради Маруан Фелаини за време на триумфот на Јунајтед 2:1 на Емирати Стадионот.
Пресуда: Нема.
3. Вејн Ратлиџ - 1 јануари 2015
Крилото на Свонси грубо изреагира по еден старт на Карл Анри од КПР и го удри намерно противничкиот играч. Менаџерот на Свонси, Гери Монк подоцна го опиша стартот на Анри како иницијална каписла за инцидентот.
Пресуда: Ратлиџ исклучен, но подоцна помилуван.
4. Јан Вертонген - 28 јануари 2015
Стоперот на Тотенхем го фати за врат Крис Башам од Шефилд Јунајтед, откако Башам се расправаше со голманот на Спарс Михаел Ворм.
Пресуда: Нема.
5. Јан Вертонген - 21 февруари 2015
Ден пред немилиот настан на Матиќ, дефанзивецот на Тотенхем имаше нов испад и тоа со Марк Нобл од Вест Хем. Вертонген го турна Нобл на земја, како реакција после фаулот на Набил Бенталеб.
Пресуда: Нема.