Чекај, а УЕФА кој ќе ја казни за пропустите?

Раководството на УЕФА отвори истрага против Русија поради хулиганите а истовремено и се закани на Англија, но прашањето е кој ќе одговара за несоодветниот распоред на селекциите во градовите.

УЕФА отвори истрага која ќе покаже дали ќе има постапка против Рускиот фудбалски сојуз поради тоа што нивните навивачи направија хаос на стадионот Велодром (за надвор УЕФА не одлучува), а истовремено Англија е опомената дека може да биде исфрлена од првенството ако се повторат сцените од луката во Марсеј.
 
Но кој ќе ја казни УЕФА? Не треба да си мудар за да сфатиш дека одигрувањето на мечот Англија - Русија во Марсеј доцна навечер во сабота, беше најмалку паметна одлука.
 
Уште кога ждрепката бидна во декември, само месец дена по терористичките напади во Париз каде загинаа 130 луѓе, Британците и Французите се сетија на големите нереди во 1998. година на Светското првенство кога се тепаа локалните Марсејци со Англичаните. Секој знаеше дека може да се повторат сцените, но ништо не направи.
 
Ај што се истепаа во Марсеј, но двете селекции во исто време се префрлаат на северот од Франција. Русија ќе игра против Словачка во Лил во среда, ден пред да се сретнат Англија и Велс во индустрискиот Ленс кој е на само 25 километри. Башка што сите Англичани од Марсеј ќе одат во Ленс.

„Ако немате карти, не одите во Ленс. Одете во Лил каде што има поголема фан зона. Знаеме дека Британците ќе одат секаде каде што има спортски настани, но на стадион без карти не може да се влезе. Ако немате билет, не патувајте понатаму“, ги советувал навивачите шефот на одделот за „фудбалска полиција“ во Британија, Марк Робертс.
Гардијан пишува за неколкуте морони кои ја иритирале и провоцирале полицијата и локалното население, за групата Руси кои повредија тешко преку 35 луѓе и за локалците кој гледаа шанса за реприза на 1998-ма. Сите тие се виновни.
 

Но сериозни прашања треба да и се постават и на француската полиција која неселективно употребуваше солзавци, наместо да ја контролира ситуацијата и да ги апси сите проблематични хулигани што се покажа како добра тактика на претходните првенства. Кевин Мајлс, шеф на Здружението на навивачи од ФА изјавил дека француската полиција дозволила Русите да се мобилизираат и да спремаат напади и дека само еднаш го исчистиле реонот со солзавец.

Пред почетокот на ЕП постојано се зборуваше дека УЕФА ангажирала неколку десетина илјади лица за безбедност, но кај беа тие на Стад Велодром во Марсеј? Виталиј Мутко, претседател на Руската фудбалска федерација и близок човек на Владимир Путин дури бил снимен како им аплаудира на руските навивачи што ја исчистиле трибината од Англичани.

Мутко е човекот кој потрошил 57 аранжмани за 20 дена на Зимските Олимписки Игри во Ванкувер, човек кој ја поведе кампањата за СП 2018 во Русија. Исто така го сомничеа дека ги уништил сите компјутери кога имало истрага за него, но и човек кој криел допинг случаеви.