Ако ги анализирате само седумте сезони на Левандовски во Баерн Минхен, а сега и осмата, логично е да си го поставите прашањето, зошто воопшто игра уште фудбал?
Само со нив има 18 трофеи, 316 гола на 345 настапи со кои е втор најдобар стрелец во историјата на Баерн и Бундеслигата, шест пати најдобар стрелец на сезоната во првенство, пет пати во Куп, лани најдобар стрелец во ЛШ и освојувач на Златната копачка и да не броиме уште, бидејќи ќе нема крај од редење на еден куп рекорди, признанија и награди.
Човекот е едноставно асоцијација за гол. Отвораш Резултати, гледаш дека Баерн тепал и обавезно го има него меѓу стрелците со гол, два, три, четири. Замислете, него најслабата сезона во Минхен му е дебитантската кога дал 25 гола на сите натпреварувања, а на останатите има 42, 43, 41, 40, 55 и 48. Луда работа.
Па нема три месеци како е почната новата сезона, а тој веќе има 22 на конто од кои 8 му се во Лига на шампиони, постигнати по само 4 кола. И сега внимавајте добро што прави дечкото во најелитното клупско натпреварување.
На последните 20 натпревари во ЛШ има 28 гола и 7 асистенции. А скорот? 20 победи, 0 нерешени и 0 порази. Каква нестварна статистика и голгетерска доминација.
Последен пат загубил меч во Лига на шампиони на 13 март 2019-та, 1:3 од Ливерпул во осминафинале. Од тогаш победил на сите натпревари на кој настапил, а со тоа стигнал до рекорд од 20 победи по ред. Вториот има 17.
Баварците ги добија сите мечеви во сезоната 2019/2020 кога станаа европски шампиони. Следната сезона во група ремизираа со Атлетико и поминаа, а Левандовски беше поштеден. Потоа поради повреда ги испушти четвртфиналните мечеви со ПСЖ по кои Баерн беше елиминиран.
Ако ве интересира детално како изгледа рекордната победничка серија на полскиот голгетер, еве ви ја на тацна со датум и противник, како и податоци за неговите голови и асистенции. Само на три од овие мечеви го нема со реализација.
Европа денеска му истакнува уште еден импресивен голгетерски подвиг, а тоа се следниот. Левандовски е играч со најголем број погодоци во првите 100 настапи во ЛШ. Ова е топ 10 листата, а тој гази со 81.
Ете тоа е 33 годишниот Роберт Левандовски. Машина со 580 голови за клуб и репрезентација. А знаете што е најјакото? Баерн го зема од Борусија Дортмунд во 2014-та за НУЛА евра. На фри трансфер го начекаа.