На 70 дена до стартот на долго очекуваниот Мундијал, најголемиот проблем со кој се соочува домаќинот е всушност најважен, а тоа е изградбата на стадионите. Генералниот секретар на ФИФА потврди работите одат многу бавно.
„Ако сакате да сумираме, тогаш не сме подготвени, а тоа се однесува со стадионот Коринтија во Сао Паоло и Беира Рио во Порто Алегре кои се уште не се завршени“, изјави Жером Валке.
На арената во Сао Паоло која требаше да биде завршена до крајот на 2013 година, до сега има три несреќни случаи, а поради смртта на последниот работник кој загина пред околу една недела бразилската влада ја стопираше изградбата.
Коринтијас кој ќе биде домаќин на првиот натпревар помеѓу Бразил и Хрватска со кој на 12 јуни ќе се отвори Мундијалот, има капацитет од 68.000 седишта и требаше да биде подготвен до средината на април, но според ФИФА отворањето ќе се случи на 15 мај.
Стадионот Беира Рио со кој исто така се доцни со изградба, на 15 јуни е предвидено да ги нагости селекциите на Франција и Хондурас.
„Можеби има работи кои нема да бидат целосно спремни за стартот на Светското првенство, но најважните работи за 32 селекции се терените и тренинг камповите“, рече Валке.
Подготвен, но најоддалечен стадион за кој ќе треба долго да се патува е оној во џунглата Манаус за кој има многу поплаки.