Браво момци, ја средивте и Норвешка

И со поддршка и без поддршка од трибините, македонската фудбалска репрезентација игра борбено и мотивирано и е гладна за победи без разлика дали игра пријателски или квалификациски меч. Петти позитивен резултат во низа, историска година со само еден пораз.

Избраниците на Игор Ангеловски заслужуваат аплаузи за тоа како ја одиграа и завршија оваа календарска година. Ќе се памети долго, бидејќи до сега Македонија никогаш претходно во историјата немала година со само еден загубен натпревар.
 
На денешниот пријателски меч, нашиот национален тим се бореше за продолжување на позитивната серија и подобрувањето на рангот на ФИФА и на празен стадион без ниту еден извик „Македонија, Македонија“ ја победи Норвешка со 2:0 (Горан Пандев и Кире Марковски).

Мрме го немаше на располагање комплетниот состав поради отсуството на Илија Несторовски, Никола Ѓорѓев и Аријан Адеми, но и покрај тоа Македонија покажа квалитет дека може да ја совлада 58-ма селекцијата на рангот на ФИФА.
 
Со тоа ја прекина лошата серија од три меча без победа против оваа репрезентација со која еднаш одигравме реми без голови и два пати загубивме во Осло.

За седум месеци Македонија успеа да се искачи од 166-то на 85-то место на ранг листата на ФИФА, а со овој триумф се очекува напредок и на ноемвриското рангирање. Тоа се должи на феноменалниот скор во 2017-та кој сега изгледа вака:
 
5 победи, 3 нерешени и 1 пораз. Честитки.
 
Горан Пандев 1:0, 43 минута

Кире Марковски 2:0, 94-та минута