Борбата за гол живот во романскиот фудбал

По 16-годишен спор Војската на Романија ѝ го одзема на Стеауа името, грбот и боите. Тоа се одрази на екипата, која во јануари имаше 12 бодови предност, а сега на пет кола пред крајот едвај ја чува лидерската позиција од провинцискиот Таргу Муреш.

Во претходната деценија се нагледавме секакви чуда во романскиот фудбал. По донесувањето на законот за приватизација, контроверзни и откачени бизнисмени го тресеа фудбалот во оваа земја.

Не може да го заборавиме Клуж кој прво почна да им ги мати сметките на великаните од Букурешт кои доминираа 16 години, а потоа да прави сензации и во Лигата на шампионите. Ништо помали чуда не правеше ниту Униреа која за две години од втора лига стигна до ЛШ, или Оцелул кој пред три години му се исправи гордо на Манчестер Јунајтед а сега може да испадне од лигата.

Гигантот Рапид беше исфрлен во втора лига, клубови се гаснеа, се селеа од еден во друг град, а преку ноќ никнуваа бизнисмени кои трчаа по слава.

Најславниот романски клуб и поранешен европски првак, Стеауа цели шест години чекаше на титула. На чело на клубот застана Џиџи Бекали кој најмногу вложуваше, играше редовно во Европа, но не успеваше против тоталните анонимуси кои му ја земаа титулата секоја година.

Конечно, пред две години Стеауа (на романски Ѕвезда) ја освои титулата, а лани во голем стил ја одбрани. До јануари годинава сè изгледаше дека клубот од Букурешт ќе оствари шампионски хет-трик, но работите драстично се сменија преку ноќ.

Скандалозниот газда Џиџи Бекали заврши во затвор, на Стеауа војската ѝ го зема името, грбот и боите по што клубот стана предмет на потсмев во тамошниот фудбал. Некои медиуми се насладуваа со тажната судбината на клубот кој го прослави романскиот фудбал и до денес е рекордер во Европа по 104 првенствени натпревари без пораз во првенството.

По 16 години судење, Стеауа го загуби спорот со Војската на Романија, по што управата на клубот најде дупка во законот и се преименуваше во FCSB (Фудбалски клуб Стеауа Букурешт. Но тоа ги разгневи навивачите, кои решија да ги бојкотираат натпреварите и Стеауа ја загуби големата посета.

Стеауа во јануари имаше 10 бодови повеќе од второпласираниот Петролул, а сега највеќе им се заканува Таргу Муреш, екипа од провинцискиот град во Трансилванија кој има 130.000 жители. Тим за кој сте слушнале само ако сте го ставиле на ливче во кладилница. Од 1960. година до денес, овој клуб дури четири пати го менувал своето име и денес постои како Таргу Муреш кој сака да направи историски успех.

Таргу Муреш вечерва од 21:30 гостува кај Стеауа во Букурешт, во натпревар кој веројатно значи и шампионски пехар на пет кола пред крајот. И не само тоа. Шампионот ќе може да смета на 15.500.000 евра колку што ќе инкасира од ТВ права и од пласманот во Лигата на шампионите. Со оглед на економска криза во романскиот фудбал, оваа финансиска инјекција и тоа како добро им дошла во иднина.

Стеауа ќе биде без поддршка од навивачите, кои решиле да одат на полуфиналето од кошаркарскиот плејоф каде Стеауа игра против клуб, верувале или не, од Таргу Муреш...

29 април 2015 - 14:39