Стеауа од Букурешт веќе одамна и математички ја осигура титулата во романското првенство, па поените веќе не им се потребни и почнаа да ги подаруваат. Но последниот „подарок" беше премногу очигледен.
Романскиот шампион загуби на домашен терен со 2:5 од Виторул Константа, тим кој грчевито се бори за опстанок и чиј газда, Георге Хаџи, по некоја случајност му е кум на претседателот на Стеауа, Џиџи Бекали.
Веднаш по натпреварот, тренерот Регекамф изјави дека поднесува оставка затоа што веќе не сака да се бави со нечесни работи, но само по 20 минути тој се појави на прес конференција и се предомисли, изјавувајќи дека прво ќе разговара со газдата Бекали.
Неколку часа подоцна, романската полиција го спречила Џиџи Бекали во неговата намера да ја напушти Романија.
Македонскиот репрезентативец Даниел Георгиевски влезе во игра во 40-та минута во составот на Стеауа, а Бобан Николов постигна прекрасен погодок за Виторул и го постави конечниот резултат во 64-та минута.