Од млекар до милијардер, Џиџи Бекали газдува во Стеауа

За будалаштините на сопственикот на Стеауа од Букурешт, Џиџи Бекали може да се напише цел том книги. Истото важи и за Берлускони, Мамиќ, Ѕампарини и Лотито, сопственици на клубови чии навивачи не сакаат да ги видат. 

Во Букурешт станал познат откако решил на 16-годишната ќерка да ѝ изгради грандиозна дискотека, само за таа да не седи до доцна во другите ноќни клубови. Со голем број скандали, приказната за Џиџи Бекали, газдата на Стеауа е приказна за балканскиот спорт воопшто.

Потекнува од италијанско семејство, кое по 1945. година било државен непријател, поради поврзаност со фашистичката групација „Железна рака"

Како антисемит и жесток противник на геј – парадите, Џиџи Бекали со неколку политички сојузи успеал да стигне дури до Европскиот Парламент во Брисел. Основач е и на партијата „Нова генерација".

Во Стеауа е од крајот на минатиот век, кога постепено елиминирал неколку ривали од раководството на клубот, а во 2003 година стигнува до 51% од акциите, со што станува мнозински сопственик.

Во затвор лежел неколку пати. Три недели одлежал поради претепување невини лица за кои сметал дека му го украле автомобилот, а осудуван е и за киднапирање и уцени.

Освен на стадионите, Бекали правел скандали и во романскиот парламент, каде на една пратеничка ѝ препорачал да излезе на автопат, алудирајќи на проституција. Познат е и случајот кога на друга пратеничка ѝ рекол дека е убава и нежна како шарен папагал, но кога зборува зад говорницата е исто како да се покакала.

Колку е моќен Бекали покажал и кога го искористил правото на повик од затвор за да го стопира трансферот на Влад Чиричес во Тотенхем. Тогашниот тренер на Стеауа, Михаил Стоика изјавил како Бекали од затвор му се јавил да го праша „кој е тој Тотенхем што не може да чека до јануари"? Наместо првичните 7 милиони фунти, Чиричес во јануари замина во Лондон за 5 милиони фунти.

„Не сакам пијанисти во клубот, туку работници што ќе го кренат клавирот. Играчите не се дојдени овде за провод, јас ги плаќам да играат фудбал. Отсега ќе им ѕвониме во 22 часот да видиме кој е дома а кој излезен" – изјавил Бекали, после еден пораз на Стеауа во домашното првенство.

Бекали бил скаран и со неговиот кум и долгогодишен пријател Ѓеорѓе Хаџи, легендата на романскиот фудбал кој беше и тренер на Стеауа. Додека Хаџи беше тренер на Виторул Констанца беа обвинети дека наместиле натпревар.

„Психички ги малтретира и играчите и тренерите. Ќе го уништи клубот" – рекол Хаџи, веднаш по отказот кој Бекали му го врачил.

Следел брз одговор на Џиџи Бекали:

„Не знам што сум му јас крив што е неуспешен. Бил голем како играч, но како тренер е смешен. Јас давам пари и тие треба да ме слушаат. Како и во секоја фирма, ако вработените не го слушаат газдата, ќе добијат отказ" – ја презентирал својата филозофија Бекали.

Обвинет е и за подмитување на противнички фудбалери, како во 2008. кога негови луѓе биле уапсени со 1.7 милиони евра во кеш, спремни за фудбалерите на Универзитатеа која играла против Клуж, ривалот на Стеауа за титулата.

„Ги пратив да купат чоколади и бомбони. Тоа се мои пари и ќе правам што сакам со нив, тоа не е ваша работа" – се бранел Бекали од обвинувањата.

Бекали моментално е во затвор каде издржува 3-годишна казна поради финансиски малверзации за купување на земјиште во сопственост на романското Министерство за одбрана во 1997 година, кога стекнува најголем дел од своето богатство, проценето на 3 милијарди евра. Уапсен е на аеродром додека се обидел да избега во Израел.

Сопственоста над Стеауа ја префрлил на своите роднини и пријатели, така што актуелниот романски шампион не е поврзан со скандалот.

Имено Стеауа и годинава ќе игра квалификации за ЛШ, а Бекали од затворската ќелија порачал дека секој фудбалер ќе биде богато награден ако Стеауа го повтори подвигот од пред две сезони и се пласира во групната фаза од шампионската лига.

Погледнете како Џиџи Бекали од ложата, преку спортскиот директор, редарите и помошниот тренер му наредува на првиот тренер да направи замена:

 

21 јули 2014 - 15:48