Болоња во Серија А, фешта на Дал Ара

Во баражот за пласман во Серија А, фудбалерите на Болоња ремизираа со Пескара 1-1 и благодарение на подобриот пласман на табелата се вратија во најдобрата италијанска лига по само една година.

Тројниот свиреж на судијата Фабри дојде како олеснување за 31.000 навивачи на стадионот Ренато Дал Ара во најголемиот студентски град во Италија.
 
Како и во полуфиналето од плејофот за пласман во Серија против Авелино, така и вчера вечер Болоња имаше многу среќа. Иако поведоа со 1-0 преку Џанлука Сансоне, „Болоњезите“ на стартот од вториот дел примија гол од Пасквато. Следуваше и црвен картон на Ибрахим Мбаје, по што Болоња со играч помалку го чуваше својот гол.
 
Пескара напаѓаше со сите сили, на два пати гостите ја погодија и стативата, но Бразилецот Анхел да Коста беше несовладлив и со 1-1 Болоња се пласираше во Серија А по една година во понизок ранг. Првиот меч заврши исто 1-1, но според правилата на италијанската фудбалска федерација, во таков случај пласман обезбедува екипата која била подобро пласирана на табелата на крајот од сезоната. Заедничко нешто за двата тренери синоќа е што се поранешни Лацијали. Масимо Одо е тренер на Пескара, а Делио Роси на Болоња.
 
Навивачите веднаш влегоа на теренот и заедно со фудбалерите на седумкратниот шампион на Италија до доцна во ноќта го славеа големиот триумф и враќање на Болоња на правото место.
 
На трибините на стадионот во Болоња беше и сопственикот на клубот, Џое Сапуто (Италијанец од Канада), кој веднаш по мечот најави сериозни засилувања за составот кој следната година за цел ќе има излез во Европа.
 
Головите од мечот и прославата во Болоња:
 

10 јуни 2015 - 10:03