Бока ги сакала и Буфон, Гатузо и Пирло

Најголемото трансфер изненадување летово го направи капитенот на Рома, Даниеле Де Роси кој на изненадување на сите потпиша со Бока Јуниорс каде ќе го оствари сонот да игра пред најлудите навивачи на светот.

Де Роси побарал од управата на Бока да го носи бројот 16 на дресот. „Имам многу пријатели овде“, рекол Даниеле на промоцијата.

Тој имал дрес од Бока уште пред неколку години. Во 2015-та година Леандро Паредес на Инстаграм ставил фотографија на Даниеле во овој дрес. „Мојот другар слави титула“, напишал Аргентинецот кој пред да игра во Рома настапуваше за Бока.

Даниеле на претставувањето во Буенос Аирес изјави дека мечтаел да игра за Бока Јуниорс што и не е така чудно ако се знае за каков борец и фанатик станува збор.

Управата на Рома кон него се постави мошне некоректно иако станува за дете на клубот кој на „Олимпико“ е од детството.

За тоа колку Даниеле Де Роси ја сака Рома покажува и фактот што доби убави понуди од Фиорентина, Сампдорија, Болоња и Милан но тој ги одби сите затоа што во Италија не сака да игра за друг клуб. Добил понуда и од Лос Анџелес а и место селектор на младинската репрезентација на Италија. Треба да се земе предвид и фактот дека има семејство и дека ваквиот потег за преселба на друг континент не е нималку лесен.

ДЕ РОСИ ВО БОКА ЌЕ ЗАРАБОТУВА 4 ПАТИ ПОМАЛКУ ОТКОЛКУ ВО РОМА

„Моето срце и припаѓа на Рома но секогаш ми се допаѓала Бока. Како дете ги гледав нивните натпревари, му се восхитував на Марадона, на стадионите, на страстните навивачи. Секогаш сакав да поживеам во Јужна Америка и да истрчам на „Бомбонера“ како играч на Бока“, изјави Даниеле.

Ваква најава имаше уште во мај 2018-та, кога во интервју за Fox Sports освојувачот на Светско 2006 изјави: „Би било многу убаво да заиграм за Бока, ако некогаш заминам од Рома“.

За интересот на Де Роси за славниот аргентински клуб зборувал и неговиот соиграч од Рома Диего Пероти. Кога го прашале дали планира да ја заврши кариерата во Бока, Пероти рекол дека со себе ќе го земе Де Роси: „Даниеле постојано следи резултати на Бока, гледа нивни натпревари. Многу му се свиѓаат навивачите на Бока. Пред пар години веќе го викаа во Бока но немаа доволно средства. Не знам дали некогаш ќе игра за нив“, рекол Пероти.

Во 2015 година Де Роси бил фудбалер кој најмногу заработувал во Серија А - неговата плата со бонуси достигнувала до 6,5 милиони евра годишно.

Во 2017 година управата му ја намали платата до 3 милиони евра но дури и тоа било премногу за Бока. Во Аргентина Даниеле ќе заработува 800.000 евра годишно. Но сигурно е дека тој не размислувал многу за парите и не му биле пресудни каде ќе ја продолжи кариерата.

Во Рома на пример, толкава плата лани земал 19-годишниот Вилијам Бјанд кој не одигра ниту еден натпревар.

БОКА БИЛА ОСНОВАНА ОД ИТАЛИЈАНСКИ ИМИГРАНТИ, НО ДЕ РОСИ Е ПРВИОТ ЧИСТ ИТАЛИЈАНЕЦ КОЈ ЌЕ ИГРА ЗА НИВ

„Овде се чувствувам како дома, Бока е основана од Италијанци“, додал Де Роси.

Интересно, претседателот на Бока, Даниел Анхелиси рекол: „Моите родители се имигранти од Италија, па затоа имам посебни чувства што во екипата ќе имаме легенда на италијанскиот фудбал. Ми кажаа дека Даниеле е првиот Италијанец кој толку многу силно сакал да игра за нас“.

Прекарот на Бока Јуниорс е Xeneizes или Џенованци. На почетокот на ХХ век голем дел од жителите на Буенос Аирес биле италијански имигранти и тоа влијаело многу на културата, на јазикот, на гастрономијата на градот. Меѓу основачите на Бока биле луѓе родени во Џенова и грчките острови Хиос и Самос, но за 114 години историја имало многу малку фудбалери со италијанско потекло. Даниеле е прв чистокрвен Италијанец кој ќе игра за Бока.

Сино-жолтиот дрес го носеле и други играчи кои може да се наречат Италијанци поради тоа што едниот од родителите им е од Италија, како Габриеле Палета или Дани Освалдо кои играа за репрезентацијата на Италија.

Фудбалери родени во Италија од мешан брак кои играле за Бока биле Марио Бусо, Виторио Џовани Братина и Никола Новело кои од Апенините се преселиле во Јужна Америка не за да играат фудбал, туку да живеат, го смениле пасошот и станале државјани на Аргентина.

Случајот со Де Роси е уникатен.

БОКА НА ВРЕМЕТО САКАЛА ДА ГИ ДОНЕСЕ БУФОН, ГАТУЗО И ПИРЛО

Во пролетта 2018 кога веќе се знаеше дека Џанлуиџи Буфон ќе замине од Јувентус, првиот човек на Бока, Анхелиси побарал од иконата на клубот Карлос Тевез да му договори состанок со голманот.

Тогаш Clarin пишувал дека Анхелиси, Тевез и Буфон се сретнале во Торино и зборувале за можноста Џиџи да се пресели во Аргентина.

Неколку недели откако потпиша договор со ПСЖ, Буфон изјави дека никогаш не добил понуда да брани за Бока. „Тевез ми е близок другар, а јас за него би донел така луда одлука“.

Освен Буфон, Бока сакала во 2015 година да ги ангажира и Андреа Пирло кој се реши за САД и Џенаро Гатузо кој одбил поади семејни причини.

„Во 2012 година откако заминав од Милан, бев близу договор со Бока. Се видов со луѓето од клубот, многу сакав да играм за Бока. Викаат дека за тоа треба големи јајца, но децата дома ми беа мали, жена ми не сакаше да се селиме“.

ЗА БОКА ЈАВНО НАВИВААТ ТИЕРИ АНРИ, ПИРЕС И БАЏО

„Одлично се сеќавам како почна се, некаде во 1994 или 1995 година. Надвор врне дожд а ние дома со еден другар гледаме фудбал. Меч на „Бомбонера“, а една од екипите слави 4:0. Режисерот ги дава трибините, навивачите навиваат, танцуваат, скокаат, пејат, лицата им се со заразни насмевки. Лудо слават кога победуваат. Од тогаш Бока беше моја екипа“, изјавил Роберто Баџо за Gazzetta dello Sport.

А за гигантот од Буенос Аирес навива уште една легенда.

„До крај на кариерата сакам да играм фудбал за Бока. Во Виљареал соиграчи ми беа Хуан Рикелме и Родолфо Аруабарена и секогаш раскажуваа за Бока. Ни сам не приметив кога почнав да навивам за нив“, изјавил Роберт Пирес, еден од најдобрите фудбалери во историјата на Арсенал.

Роналдињо исто кажал дека Рикелме е една од причините поради кои навива за Бока. „Но секако најголема причина за тоа е Марадона“, додал Роналдињо. Поради Диего за Бока навивале и Тиери Анри и Франческо Тоти. На легендарниот стадион „Бомбонера“ биле и Ерик Кантона, Едгар Давидс, Роџер Федерер и Рафа Надал.

Де Роси бил искрен и признал пред навивачите. „Јас не сум Меси и не сум Марадона. Но кога сум во форма можам да и помогнам на екипата“.

Бока се надева дека на крајот од август ќе игра во четвртфиналето на Копа Либертадорес (вечерва игра реванш на осмина финале со Атлетико Параненсе). На 1. септември е големото Супер Класико со Ривер Плејт.

„Се договоривме Даниеле да тренира две недели пред да почне да игра“, кажал тренерот на Бока, Густаво Алфаро.

Минатата сезона Бока изгуби од Ривер во финалето на Копа Либертародес а во лигата на Аргентина го освои третото место. Клубот летово се засили со двајца нови играчи: од Европа се врати крилото Едуардо Салвио (7 милиони евра од Бенфика) и Јан Уртадо, голем талент од Венецуела кој дојде за 6,75 милиони евра.

Но најголем интерес предизвика човекот кого во 6 часот наутро на аеродром го пречекаа стотици навивачи.