Бобан Николов, генерација 1994-та е еден од малкумината играчи кој заигра на ЕП 2017 прво со Македонија У-21, а потоа и со сениорската селекција на ЕП 2021.
Но од не баш разјаснети причини, Милевски престана да го вика во А репрезентацијата и покрај тоа што веќе беше дел од историскиот младински состав во 2017-та.
Откако првите фудбалски чекори ги направил во родниот Штип во тимот на Брегалница, Бобан Николов имал привилегија две години да се кали во школата на легендарниот Георге Хаџи.
Уште на 16 години видел што значи професионалност, дисциплина и академија со ред, во која имало три хотели со кувари задолжени за исхрана на играчите.
Во 10 часот морало да се остават телефоните, да се угаси светлото и да се оди во кревет. Го забележал Романец кој го поканил откако го гледал на младински меч против Вардар на кој постигнал хет-тик.
Потоа следувал стартот на сениорската кариера во 2012-та во Виторул Константа, а од каде пред да замине во Вардар завршил во количка и сакал да го остави фудбалот.
„На 20 години имав повреда на препони, а тоа не го знаат многу луѓе и јас сакав да се откажам од фудбал. Бев во инвалидска количка 10 дена и одев со штаки. Година дена се мачев и некако Господ ме спаси. Потоа ми се случи Вардар и многумина ме советуваа да не се враќам во Македонија, бидејќи за чекор напред сите заминуваат во странство, а јас се враќам. Но јас верував во тоа и ми дадоа план со високи цели, а тоа беше да се освои титула и да се излезе во Европа.
Се вратија Грнчаров, Попов, Стојков, Блажевски, Велковски и успеавме да ги постигнеме целите. Но, знаете како е кај нас во сите аспекти и работи, место да се дигне штафетата, ние ја рушиме. Никогаш нема да го разберам тоа. Не знам зошто имаме таков менталитет, да рушиме нешто што е добро како што е Вардар. Јас ќе им бидам секогаш благодарен, таму поминав три години кои ме креираа како играч и навистина ми е жал за ова што се случува“.
После Малме и Копенхаген, да го добиеш еден Фенербахче дома 2:0 со Ван Перси, Солдадо и Валбуена и потоа да ги добиеш таму со 2:1 и да излезеш во Европа. Па тогаш Вардар зема околу 7-8 милиони. Што се случи не знам и не е моја работа, но со тие пари треба да инвестираш, зошто другата година да не влезеш во ЛШ? Да не беа Комитите ќе згазнеше клубот. Секогаш имавме поддршка од нив“.
За Мрме
„Најголемиот потег откако стана селектор му е тоа што го врати Пандев. Мислам дека 50% од сонот се оствари, бидејќи едно такво големо име како Пандев само да го имаш во екипа, а замисли и на терен е многу голема работа. Тука го имаш и Стефан Ристовски, Адеми, Тричковски...Се направи некоја сплотеност и хемија. Џабе јас да зборувам, кога резултате си го кажуваат своето. Тие не можат да се избришат. Никој не веруваше во тоа кога ја зема репрезентацијата и кога имаше 100 души публика. Почна да ја сплотува македонската јавност. Дававме некаква надеж. Мрме од психолошки аспект ја имаа онаа одлична страна на тренер. Не треба да си само добар тренер туку и педагок и психолог, за играчите да те почитуваат. После секој собир едвај чекавме да се вратиме и не случајно се пласиравме на ЕП. Добивме една Германија која 20 години дома немаше пораз во квалификации“.
За разочарувањето од Милевски
„Каде пукна тиквата? Тиквата одамна беше пукната, само што јас не ја гледав. Ќе го коментирам мојот личен однос со него, мене тоа ме повреди. Таа неправда многу ме боли, бидејќи кога во некој веруваш на крај се прашуваш, чекај, кај си погрешил, што е работава. Почнаа да не ме викаат, не знам зошто. Не сум јас Меси или Роналдо, можеш да не ме викнеш. Година и пол да се зборува дека сè е океј и ќе те викнам и кога заиграв се велеше добро играш продолжи така. Да слушам дека сум бил дел од некакви кланови, тоа стварно ме повреди. Мене најмногу ме повреди како фудбалер, да играш 5 години, да имаш 50 настапи, да го даваш срцето на терен.
Игравме квалификации за СП против Романија и јас очекував некој нормален и добар однос. Таму поминав 5 години и се случи на ден пред натпревар да ми ѕвонат од стручен штаб во 23:30 со муабет „Еј слушај немој случајно да ги го издал составот“. Луѓе јас на 17 години имав понуда да играм за Романија, но јас сум Македонец, имам 50 натпревари. Па да ти падне на памет такво нешто, тоа мене стварно ме погоди. Кога стана Милевски селектор, се смени шоферот на автобусот, затоа што бил од времето на Мрме. Му кажав дека мајка ми е болна од рак. Никогаш не ме праша и не ми ни пиша како е мајка ми“.
За повлекувањето на Стефан Ристовски
Таа одлука што ја донесе Стефан не беше од денес за утре. Година и пол сакаше да се откаже од репрезентација, но тој го има тој патриотски дух. Јас сум близок со него, тој не сакаше да доаѓа поради тој однос во репрезентација. Он е близок со Горан и како да имаат некоја нетрпеливост према Горан. Тој однос селектор - капитен не функционираше никако. Имаа разговор во Загреб и Стефан му ги кажа сите работи кои му сметаат. Сè океј, си дадоа рака и доаѓа следен собир, се изгуби комуникацијата. Стефан е 15 години во таа репрезентација, не бараме привилегии, туку почит.
Чувството да се игра на Сантијаго Бернабеу и големината на Модриќ
„Тогаш малку играв бидејќи имав повреда на кичмата и желбата ми беше барем 2 секунди да влезам само да заиграм на Бернабеу. На Модриќ претходно му побарав дрес и тој рече нема проблем, но 10 минути славевме, бидејќи знаете што значи Шериф да го победи Реал Мадрид? И потоа реков леле дресот на Модриќ, отиде човекот во соблекувална. Јас тргнав да го барам и кога го гледам ме чека пред соблекувална. Ми да го даде, а јас му го дадов мојот. Исто беше и со Коларов кога игравме против Интер, дојде специјално да ми го даде“.
Целиот разговор на Бобан Николов во подкастот на Лазаров кој отворено зборува на многу теми: