Ако сте го изгубиле Кевин-Принс Боатенг од вид немате гајле: кај него се е совршено. Доручкува на Атлантски океан, ужива на сончевите Канарски острови и игра за Лас Палмас.
„Само што ќе се разбудам гледам сончева светлина. Многу ми е пријатно, опуштен сум и со фудбалот се е најдобро“, вели Боатенг за официјалниот канал на Ла Лига.
Кога Кевин-Принс слетал на Канарски острови, на аеродромот го пречекал големиот Валерон кој играше во 40-та година за Лас Палмас и го внесе во Примера во 2015-та.
Му предложил на Боатенг да му го носи багажот до колата. „Сериозен си? Ти си за мене како Зидан, Меси и Роналдо и ти да ми го носиш багажот? Нема шанса, сам ќе го носам“, му рекол репрезентативецот на Гана. Во Лас Палмас Боатенг веднаш заигра на високо ниво и постигна 7 гола, кој од кој поубав. Посебно убав беше октомврискиот против Виљареал на гости - во стилот на Златан Ибрахимовиќ.
Боатенг бил уверен дека после таквиот перформанс ќе влезе во номинацијата за најдобар гол на сезоната и дека ќе оди на церемонијата на ФИФА во Цирих. Тоа му бил дамнешен сон.
„Имав толку многу пораки, твитови, коментари, мислев дека ќе ме викнат. Дури и на жена ми и кажав дека ќе одиме во Цирих. Но потоа ми кажаа дека ги сметаат само најдобрите индивидуални, а не тимски голови. Фудбалот е тимска игра и да сакав индивидуални награди ќе играв тенис.“
Тогаш жена му го прашала што ќе правиме во Цирих, а тој и рекол: ’Ништо, заборави. Треба да дадам друг убав гол’.
ПИЕЛ СЕКОЈА ВЕЧЕР И ТРОШЕЛ ПАРИ НА ИЗЛЕГУВАЊА
Пред десет години Боатенг не би кажал ’Океј, ќе почнам од почеток’. Тој просто би ги потрошил сите пари до крај на пиење.
Така било во 2007. година кога Кевин-Принс премина од Херта во Англија. Тотенхем платил за него 5,5 милиони фунти, но буквално за еден месец тренерот Мартин Јол се разочарал од Ганецот и му кажал дека не е заинтересиран за него. Од тој момент Боатенг почнал да го арчи времето на бесмислени работи.
„Се бунев против целиот свет. Не ме ставаш во првиот тим? Океј, тогаш ќе му се насладувам на животот“, раскажува Кевин-Принс за неговите емоции од тоа време.
Боатенг живеел во ноќните клубови. Излегувал по шест пати неделено и останувал до шест сабајле.
„Во таква ситуација луѓето пробуваат да ја купат среќата, а не да ја заработат. Јас потрошив многу на клубови, гардероба, автомобили. Не играв фудбал, па затоа купив Lamborghini. Вау, среќен си една недела, а после не влегуваш во колата“, се кае Боатенг за протраченото време.
После година дена таков одвратен начин на живот, Боатенг се здебелил 95 кг. Едно сабајле се видел во огледало и се исплашил: „Видов колку сум реално стар, иако тогаш имав само 20 години. До тогаш не мислев дека работите ќе одат наопаку. Тебе постојано ти доаѓаат пари и се забавуваш“.
Трошев грдни пари на девојки, на клубови, на дружби. На лажни другари. Тогаш секој прав другар би рекол: ’Што правиш од себе? Оди тренирај, играј’, а јас бев опкружен од луѓе кои велеа: ’Одиме таму, има јака журка“.
Во еден момент се исплашил и решил веќе да не води таков живот. Веднаш викнал двајца прави пријатели и ја исчистил куќата. Во ѓубре го фрлил целиот алкохол што го имал.
„Престанав да пијам, престанав да одам на забави. Почнав да готвам затоа што сакав да јадам како нормален човек. Можеби не направив ништо радикално, но ми требаше целосен рестарт“, се сеќава Боатенг на годините кога важеше за најталентиран млад фудбалер во Европа.
ПИЕЛ ПО 15 ЛИТРА ВОДА ДНЕВНО
За цели две години во Тотенхем, Кевин-Принс Боатенг се појавил на само 14 меча. Вербата во себе и љубовта кон фудбалот му ја вратил Јирген Клоп (’Најдобриот тренер на планетата за кого сите фудбалери се спремни да умрат’).
Во Борусија Дортмунд Кевин-Принс играше пола сезона: после шест месеци позајмица, Тотенхем за него побарал 4,5 милиони фунти.
Откако му се вратил на фудбалот, Боатенг ослабнал 12кг и пиел екстремно многу вода.
„Во почеток пиев по 15 литри вода на ден, а потоа еден лекар ми кажа дека тоа не е многу здраво, па ја спуштив нормата до 12 литри на ден, а потоа на 10. Диетологот на Шалке ми кажа дека се доволни 6 литри вода и да внесувам повеќе минерали и витамини. Но станав зависен од вода и не можев да пијам малку. Но тоа е подобро отколку да пиеш 2-3 литра Кока-Кола дневно“, додава Боатенг во интервјуто за Ла Лига каналот.
МЕЧТАЕЛ ДА ИГРА ЗА ГЕРМАНИЈА, НО ЗАИГРА ЗА ГАНА
Враќањето во пристојна и достојна физичка форма му помогнало на Боатенг да заигра на Светското првенство 2010 во Јужна Африка, но не со репрезентацијата на Германија како што посакувал, туку со Гана.
Кевин-Принс играл за младинските селекции на Германија и пред неколку години добил покана од Африка.
„Да, имам корени од Гана по татко, но отсекогаш сум се сметал за Германец. Израснав во Берлин, отсекогаш имав германски пасош. Сакав да играм со брат ми Џером за Германија. Но бев многу проблематичен и Германскиот фудбалски сојуз не беше спремен да ме прифати. После неколку години размислив рационално и одбрав да играм за Гана. Решив со глава а не со срце“, искрено вели некогашниот фудбалер на Милан, Шалке, Тотенхем и Дортмунд.
Кевин е роден во Вединг - реон во Берлин каде има африкански кварт. „Живеевме меѓу турски и руски имигранти, таму имаше многу безработници и незаконски работи. Татко ми дошол од Гана во Германија на почетокот на ’80-те и работел во бутик за облека. Ја оставил мајка ми кога имав осум години“.
Џером Боатенг растел со татко му во другиот реон на Берлин, а Кевин-Принс живеел со најстариот брат Џорџ којшто станал познат рапер во групата BTNG. Сите тројца браќа се појавуваат во спотот за песната Käfigtiger.
ПОВРЕДАТА НА БАЛАК ПРЕД МУНДИЈАЛОТ 2010 И СРЕДБАТА СО НЕЛСОН МАНДЕЛА
На помалку од еден месец до почетокот на Светското првенство 2010, Боатенг тешко го повреди Михаел Балак. Тоа се случи во финалето на Купот на Англија меѓу Челси и Портсмут (1:0).
Боатенг тогаш го обвинија дека намерно го повредил Балак за да ги ослабне Германците на првенството. Но Боатенг секогаш искрен, претстави друга страна на приказната: „За време на мечот Балак ми удри шлаканица, но судијата не виде. Немав намера да му се одмаздам, просто тргнав кон топката а во таков дуел има неколку епилози. Му се извинив на Михаел веднаш. Имам образ, тогаш имав 23 години, жена, син и цела историја зад мене и глупаво е така да се однесувам“.
Боатенг се извинил и решил дека веќе нема да прави глупости. Подоцна се открило дека Боатенг и Балак имале историја на конфликти „Првпат го запознав Балак кога имав 18 години. Михаел ме стапна на нога и ми кажа: „Затни се. Што мислиш кој си ти?’ Му реков: ’Кој си па ти’ и ми врати: ’Јас сум ѕвезда, на што му одговорив: ’Па и ѕвездите паѓаат’.
На Мундијалот 2010, Боатенг стана еден од главните играчи во Африка и го побарале да се сретне со Нелсон Мандела.
„Тоа е уникатен човек. 27 години поминал во затвор поради тоа што се борел за своите права. Можел да го мрази целиот свет, но не, напротив, тој го задржал своето спокојство. Кога влегов ме држеше за рака и ми кажа: “Ќерка ми сака да се омажи за тебе. -Но јас веќе имам девојка’, ’Во ред, но кај нас има и поубави. Сите околу се смееа“, се сеќава Боатенг.
БЕЛАТА ЛАГА СО МИЛАН
После Светското во Африка, Боатенг стаса до Милан - иако тоа се случило благодарение на една лага. Кевин-Принс бил на одмор. Една вечер менаџерот му кажал за интересот на Милан и Боатенг отишол на журка. Во осум сабајле му заѕвонил телефонот: ’Влегувај во кола, на состанок сме со Милан. Трнираше таму? -Да, тренирав. ’Супер, им кажав дека си во ѕверска форма’.
’Го излажав. Секако дека не тренирав туку уживав на одмор. Кога ми спушти само воздивнав’.
Се поминало изненадувачки добро. Во Милано Боатенг добил плакар кој го користел Дејвид Бекам. Во близина му биле Сидорф, Пирло, Амброзини, Гатузо, Роналдињо, Ибрахимовиќ, Тиаго Силва. Веќе првите денови во Милан му биле неверојатно искуство.
„Тоа е како сон. Премногу е добро за навистина да се случува“.
БОРБА СО РАСИЗМОТ ДУРИ ДО ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ
Не било се така розово во Милан. Во јануари 2013 година Боатенг самоволно го напушти теренот на сред пријателски меч против Про Патрија -жестоко го навредуваа расисти и тој немал друго решение освен да излезе од теренот.
„Подоцна кога излегов навивачите ми аплаудираа затоа што не ги поддржуваат хулиганите. Подоцна сфатив дека ни мојот начин (ја рогна топката кон нив пред да излезе) не бешее исправен. Тоа се фрустрирани и бесни луѓе, но од оваа перспектива не би го повторил тоа. Подобро да отидете до кај судијата и да го замолите говорникот да каже нешто на целиот стадион“, додава Боатенг.
Благодарение на таа реакција, Боатенг стана заштитно лице во борбата против расизмот. Неколку месеци подоцна го викнале во женевската канцеларија на ООН на заседание посветено за борбата против расизмот.
Кога дошол до збор имал голема трема.
„Тоа беше најголемата трема во мојот живот. Видов 60 камери со големи фокуси и сфатив дека преносот оди во живо. Пребледев. Но се заврши како треба и на крајот на мојот говор ми аплаудираа“, се сеќава главниот играч на Лас Палмас сезонава.
САКА ДА ГИ СПАСУВА МЛАДИТЕ ИГРАЧИ ОД ПОРОЦИТЕ
Денес Боатенг има 30 години и не ја исклучува можност да биде консултант на младите играчи.
„На младите дечки им треба помош затоа што во кругот на менаџерите кои мислат само на брзи пари не напредуваат. Фудбалерите секако не се најдобри во математика и други науки, но на 18 години кога ќе добиеш 5 милиони евра годишно не знаеш што да правич. Размислуваш: ’Можам сеа да купам се, целиот свет ќе го купам’. Ќе собираш другари, девојки, ќе купуваш коли затоа што на 18 години не размислуваш што ти зборуваат родителите“, од искуство раскажува Кевин Принс-Боатенг.
И за крај вели:
„Имам дома фотографија на која сум покрај три коли и стојам со ланец како 50 Cent. Кога ќе ја погледнам си викам како сум можел да бидам волку глуп?“.