Без навивачи фудбалот не вреди пет пари

Навивачите на Баерн Минхен протестираа против скапите карти пред дуелот со Арсенал во Лигата на шампионите и добија огромна поддршка од домашната публика.

Во Англија веќе одамна се знае за цените на влезниците на стадионот Емирати. Топџиите продаваат толку скапи карти што за Арсенал се вели дека е клуб на кој профитот му е поважен од трофеите.
 
И покрај секојдневните протести, жалби и молби од навивачите ширум Островот за поевтини карти, во северен Лондон не сакаат да слушнат. Скапоцените карти синоќа ги здружија Германците и Англичаните, како ретко кога.
 
Баварците биле шокирани кога разбрале дека картите за гостинскиот сектор чинат 64 фунти или нешто помалку од 90 евра. Од таа причина го оставија полупразен гостинскиот сектор на Емирати и на просторот предвиден за навивачи кренаа пароли кои ја воодушевија домашната публика.

„Влезница 64 фунти, а без навивачите фудбалот не вреди ни фенинг“
Навивачите на Арсенал со аплауз ја испратија пораката на Германците. Мечот заврши 2-0 со головите на Жиру и Озил.
 

21 октомври 2015 - 10:13