Бенатија го заборавил пасошот и нема да игра во реваншот

Фудбалерите на Баерн Минхен вечерва во Лисабон го играат реваншот од четвртфиналето во ЛШ против Бенфика. Првиот меч заврши 1:0 за Баерн, а Германците на пат тргнале без нивниот главен стопер.

Дека грешки се случуваат дури и во најорганизираните светски институции покажа и случајот со 28-годишниот Мехди Бенатија, фудбалерот на Баерн Минхен.
 
После последниот тренинг на екипата, а пред самиот лет за Лисабон, Бенатија на шалтерот за чекирање на аеродромот во Минхен сфатил дека го заборавил дома пасошот. Авионот бил пред полетување, така што поранешниот фудбалер на Рома морал да остане дома и не отпатувал со екипата на реваншот против Бенфика, пишува германски Билд.
 
Тренерот Пеп Гвардиола (45) и првиот човек на Баварците, Карл-Хајнц Румениге (60) биле шокирани од неодговорноста на Мароканецот, кој по се изгледа нема да има друг лет до Лисабон во текот на денот и ќе го пропушти натпреварот. Баерн веќе стигнал во Португалија, а за во одбраната на стоперските позиции се најавени Мартинез и Кимик.
 
И покрај тоа што со голот на Артуро Видал уште во 2. минута го отворија првиот меч, Баварците не стекнаа голема предност пред реваншот со Бенфика. Португалскиот тим во домашното првенство води драматична трка за титулата против градскиот ривал Спортинг, на пет кола пред крајот има два бода предност.