Приказната за Германецот Мориц Фолц

Бекот на Фулам што одеше со велосипед на натпреварите

Мориц Фолц е еден од првите таленти забележани од Арсен Венгер. Како Германец во Лондон не им го разбирал брзото зборување, па дури и на прашањата кој број сакаш да го носиш одговарал со јес јес. И покрај тоа стана еден од најомилените странци кои играле таму.

По еден од тренинзите во Шалке, на пат кон дома таткото на младиот Мориц Фолц му рекол: „Те бараат во лондонски Арсенал. Се јавија, гарантираат две годишен професионален договор. -Вау! Не знам што да кажам, тато.“
 
Младинците на Арсенал тогаш биле фестивал на народите: голман бил Финецот Кето, во одбраната Полјакот Белик, во средина Романецот Драгомир, во нападот Холанѓанецот Мален. Интересот на Арсенал за 15-годишниот Мориц во 1999. година во Германија било главна вест.
 
Секретарот на германскиот фудбалски сојуз го нарекол случајот „трговија со деца“, а координаторот на јуниорите на Шалке рекол дека Арсенал нуди непристојна понуда која Мориц треба да ја одбие. Веднаш дошле новинари на Bild, der Spiegel, Süddeutsche Zeitung и со микрофоните го нападнале 15-годишниот Фолц.

Мориц се соочил со голем притисок, особено после гостувањето во една гледана емисија со татко му. По таа вечер, сите очекувале „детето на Арсенал“ да дава по 10 голови.

Со фудбал почнал на еден смешен терен, во една од ливадите во Бирбах, мало градче во Вестфалија. Откако заиграл за репрезентацијата на овој регион, го забележале луѓето од Шалке и Борусија Дортмунд кои веднаш сакале да го доведат.
 
Од Дортмунд го викнале на меч од Лигата на шампионите, а во Шалке тренерот Мани Дубски го однел на вечера. На крајот, малиот Фолц се одлучил за Шалке затоа што бил поблизу до неговото место каде требал да го доврши школото. Два пати неделно одел на тренинг и патувал 130 километри.
 
Летото 1998. година отишол на турнир во Франција со јуниорската репрезентација на Германија и таму го забележале скаутите на Арсенал. После шест месеци, Мориц Фолц добил писмо и повик од Лондон. А таму дожд, намокрена коса, мирис на трева и многу врева. Спротивно на ридовите од родниот крај. Почнал со тренинзи кај легендарниот Лиам Брејди кој ги водел дождливите тренинзи со чизми. Во еден момент Арсен Венгер побарал Мориц да живее во англиско семејство за побрзо да го научи јазикот, а Фолц ги добил старите копачки на Љунберг.

Адаптацијата во Лондон му одела тешко. Локалните соиграчи терале англиски хумор со Фолц кој тешко се адаптирал на новата средина. Французинот Жереми Алијадие му бил добар другар (поздрав до играчите на Фудбал Менаџер).
 
Стив Роули, главниот скаут на Арсенал забележал дека младиот Германец е тажен и го повикал да излезат во кино, а потоа седнале во пицерија.

Роули во еден момент се уверил дека Фолц се смеел на сила и дека работите не одат на добро, Тогаш решил на негово име да му купи број, а по извесно време кога ја видел листата на повици видел дека Мориц најдолго зборувал само со еден германски број.

Следната недела, Роули му се јавил на Мориц: „Ми треба твоја помош, Фолц. Арсенал преговара со еден познат Германец и ќе ни треба преведувач, но не сакаме никој да знае. Дојди во италијанскиот ресторан Аск." Фолц долго размислувал дали е тоа Кристијан Циге или Мехмет Шол, а на крајот на масата ја видел својата девојка Аненка со која се дружел во слободното време во родното место.

На почетокот заработувал 320 фунти и живеел во семејството Флинт каде бил и Швеѓанецот Себастијан Ларсон. Во меѓувреме Венгер првпат го ставил во стартниот состав на првиот тим, во Лига Купот против Ипсвич кој Арсенал го загуби 1:2.

По извесно време го праќаат на позајмица во Вимблдон, а наскоро купил стан и на 19 години се чувствувал гордо што има заработено стан во Лондон. Наскоро во Арсенал по десната линија ораше Камерунецот Лоран, така што немало место за Германецот кој игра десен бек.

Топџиите решаваат да го пуштат Фолц на позајмица во Фулам и тоа ќе се испостави како одлично решение. На првиот тренинг со новите соиграчи се запрепастил со правилото екипата која ќе загуби на тренинг да ги соблече шорцевите, да се сврти и да трпи силни шутеви од победниците. Нешто како маалската игра „шут у дупе". Тоа го немало во Арсенал каде Венгер практикувал гимнастика пред тренинзите (Тони Адамс еднаш изјави дека тоа му ја продолжило кариерата.

Тренер на Фулам во тоа време беше Велшанецот Крис Колман, кој имал другарски однос со играчите, па така на едни зимски подготовки во Абу-Даби го пуштил финскиот голман Јуси Јаскелаинен во Хелсинки на концерт на Металика.

Сопственик на Фулам беше Мохамед Ал-Фајед, човекот чиј син Доди загина со принцезата Дајана во Париз 1997-ма.

Освен што бил газда на Фулам, Ал-Фајед долго време е сопственик и на најголемиот ланец на трговски центри Harrods, каде играчите на Фулам можеле да се снабдеваат бесплатно. Еднаш додека Фолц шетал со девојка му Анека низ трговски центар го сретнал Ал-Фајед со помошниците. „Господине Ал-Фајед, гледајте кој имаме овде", газдата се свртел и го прашал Фолц: „А ти си навивач на Фулам значи"?

Не ги познавал многу своите играчи, но затоа после важни победи како например онаа од 3:1 над Манчестер Јунајтед влегол во соблекувалната и на секој играч му дал ретка деликатесна паштета од мисиркино месо од Хародс.

Тренинг центарот на Фулам бил на 30 км од домот на германскиот фудбалер, така што после долго време возење го болел грбот. Еден ден решил освен со воз, да проба да оди и со велосипед, а кога тоа му станало пракса одел и на натпреварите, признава во својата книга. Иако на станицата ретко кој го препознавал, Фолц набрзо станал пример како еден фудбалер треба да се однесува и да го користи јавниот превоз во Лондон. Го викале во ток-шоуа на телевизија, давал интервјуа.

За мечот со Астон Вила во 2006. година ги облекол копачките на кои било испишано името Д Хоф (по неговиот идол од серијата Чувари на Плажата) Дејвид Хаселхоф а во текот на мечот го постигнал и првиот гол во Премиер лигата и полудел од радост. Во 2004. година, селекторот Клинсман го повикал за пријателскиот меч против Камерун во Лајпциг, но не го ставил во игра, така што десниот бек сфатил дека за него нема да има место на СП 2006-та кое го гледал во друштво со Јирген Клоп, тогашниот тренер на Мајнц.

Во септември 2005-та, Колман го ставил Фолц во игра на мечот од ФА Купот против Линколн Сити. Фулам водел 2:1 а само една минута откако Фолц се појавил на теренот, дал автогол за 2:2, а потоа Фулам загубил 5:4 во продолженијата.

Два месеци подоцна бил мечот против Челси. Играчите на Фулам се собрале на Крејвен Котиџ, а Фолц читал весник и видел статија во која пишувало дека Лес Фердинанд го дал 10.000 гол во историјата на Премиер лигата и дека до тој момент паднале 14.933 голови. Го свиткал весникот и се качил во клупскиот автобус.

Во 16. минута од дуелот против Челси, дефанзивецот на Фулам Франк Кедри извел аут, Томаш Радзински ја пропуштил топката на која налетал Мориц и со сета сила му дал гол на Иларио. Подоцна на пат кон соблекувалната слушнал: „Мориц го даде 15.000 гол во Премиер, да му честитаме".

Вечерта излегол до локалната продавница да пазари со девојката и ја сретнал жената на стариот продавач Гери: „Колку е чудно што ве гледам во дуќанов после таквиот гол денес", му рекла и додала дека целото соседство зборува за симпатичниот Германец.

За пола година, Мориц му предложил на скатутот Стив Роули да му биде сведок на свадбата со Анека. „Ни во кој случај, одговорил Стив. Треба да давам изјава таму и да зборувам, а знаеш дека сум стар за такви манифестации. Слушај Фолц, просто ми е многу драго што те донесов во Лондон во 1999. година и тоа е сè што можам да ти кажам. Ти си ми најдрагиот фудбалер што сум го донел во градов“.