Најмалата земја во Африка, Гамбија се соочува со големи проблеми поради што годишно илјадници Гамбијци бегаат од земјата и од теророт на диктаторот Јаха Јамех кој е на власт 21 година.
Според италијанското МНР, Гамбија е земја од која дошле најмногу емигранти во Италија во 2015 година, пишува Газета дело спорт. Од земјава се бега насекаде во светот, токму онака како што избегал Осман Манех, 18-годишно момче кое после бегството од илјадници километри би можело да заигра во Бундеслигата за Вердер.
Осман пристигнал во Германија на почетокот на 2014, кога имал 16 години и бил потполно сам. Никој од неговите родители и роднини не успеал да избега со него. Го сместиле во прифатилиштето за малолетни емигранти, каде Манех спиел под ист покрив со уште 17 деца кои избегале во Германија и останале сами.
Помеѓу останатите работи, Осман со себе го носел и големиот талент за фудбал. Во април 2014 година заиграл за клубот Блументалер СВ, екипа која се натпреварува во регионалната лига. На 12 средби Осман Манех постигнал 15 голови со што го привлекол интересот на Вердер Бремен кој решил да го викне на проба.
Шампионот на Германија од 2003/2004 го пратил Гамбиецот во вториот состав кој игра во третата германска лига, и Осман веќе од стартот покажал дека е подобар од другите. Во вторникот Вердер играше пријателска против Вилхемшафен и победи 7:0. Осман Манех на тој натпревар постигна четири гола за 15 минути по што ги наполни германските весници. Младиот центарфор на 10. март наполнил 18 години и го напуштил прифатилиштето. Сега можел да си дозволи стан под кирија со оглед на тоа што има договор со Вердер до 2018 година и заработува 2.500 евра месечно. Тимот од Бремен веќе му спремил нов, побогат договор.
Пред неколку дена Шалке ја искористил клаузулата во договорот на шпицот Франко Ди Санто и за 6 милиони евра го откупил договорот на Аргентинецот. Вердер во тој момент немал спремна замена во нападот, или не знаел дека има во името на Осман Манех. Во првото коло од Бундеслигата на 15. август играат токму Шалке и Вердер Бремен.