Фудбалската класика во елитниот клупски европски собир вечерва ќе се игра во Милано, каде гостува неприкосновената Барселона предводена од најдобриот фудбалер на денешницата Лионел Меси. За дуелите на овие екипи има многу што да се пишува. До сега на европските натпреварувања силите си ги одмериле 15 пати.
Барса победила шест пати, Милан четири, а пет меча завршиле нерешено. Ова е одличен доказ за неизвесноста на дуелите помеѓу двата големи гиганти на европскиот фудбал, кои заедно имаат освоено 11 титули во Лигата на шампионите. За сега Милан води со 7:4 во оваа категорија.
Во поновата историја Барселона е доминантна. Минатата сезона во групната фаза овие два тима одиграа два доста ефикасни меча. На „Камп Ноу" Милан успеа да извлече 2:2 со головите на Пато и Силва во првата и последната минута од натпреварот, а на реваншот Барса триумфираше со 3:2.
Ждребот сакаше повторно да се паднат и во четвртфиналето. По конечните 0:0 на „Сан Сиро", Барселона обезбеди полуфинале со триумфот од 3:1 пред своја публика. Многу понеизвесно беше во 2006 година кога со погодокот на Жули, Каталонците го освоија Милано со минимални 1:0, додека реваншот заврши без голови.
Последната победа на Милан над Барселона датира од 2004 година, кога со голот на Шевченко на домашен терен, триумфираше во групната фаза. Составот на Алегри сега треба да се соочи со најтешкиот противник кој можеа да го добијат во нокаут фазата.
Милан е во позитивна серија од 6 победи во низа на домашен терен на сите натпреварувања, но тој податок нема да им помогне против екипата која на последните 11 гостувања во Лигата на шампионитe, дури 8 пати излегувала како победник.
Втората пресметка во рамките на осминафиналето е дуелот во Истанбул помеѓу Галатасарај и Шалке, каде во центарот на вниманието се уште се трансферите на големите две ѕвезди кои слетаа во Турција, Весли Снајдер и Дидие Дрогба. Играчи од кои темпераментната турска публика очекува многу.
За овие два тима вечерашната меѓусебна средба ќе биде прва. Галатасарај нема многу позитивно искуство против бундес лигашите. На последните 11 средби со тимови од Германија, турскиот шампион на домашен терен победил само два пати.
Последниот триумф над германски клуб им е во 1993 година против Ајнтрахт во рамките на Купот на Уефа. Вечерва на мегдан им доаѓа екипа која нема пораз во Лигата на шампионите уште од полуфиналето во сезоната 2010/2011 од Манчестер Јунајтед.
За Шалке ова е трето гостување на турските терени. Интересно е што и на двете средби си замина со нерешен резултат 3:3. Првиот во Купот на Уефа против Трабзонспорт во 1996 година, а вториот во Лигата на Шампионите против Фенербахче 9 години подоцна.