Барселона и Јувентус ја немаат извадено топката од гол

Голманите и одбраните на овие две екипи можат најмногу да се гордеат, затоа што тие се единствените во конкуренција на најсилните пет лиги во Европа без примен гол оваа сезона.

Табелата на петте најпопуларни лиги покажуваат дека по првите неколку кола во сезоната 2014/2015 од вкупно 98 екипи, Барселона и Јувентус за сега се единствените кои успеале да ја задржат мрежата не затресена.

Во Шпанија се одиграни 5 кола по кои Каталонците имаат 4 победи и едно реми со гол разлика 11:0 и се на делба на првите три места заедно со Валенсија и Севиља. Во Серија А Јувентус има полн ефект од 12 бодови заедно со Рома, но со гол разлика 7:0.

За несовладаниот гол на Барселона заслугите одат кај новото засилување Клаудио Браво кој квалитетот го покажа со селекцијата на Чиле на Мундијалов во Бразил. Тој не прими гол на средбите против Елче, Виљареал, Атлетик Билбао, Леванте и Малага.

Кај актуелниот италијански шампион, веќе 14 сезона незаменлив е 36 годишниот Џиџи Буфон кој беше беспрекорен на дуели со Киево, Удинезе, Милан и Чезена.

Екипите кои се тврд орев во одбраната и кои исто така може да се пофалат на ова поле се Рома Интер и Келн  кои се единствените три екипи со само еден примен гол во досегашниот дел од сезоната.

Најголеми дупки во одбрана во Лига 1 имаат Реимс и Евијан кои по 7 кола имаат примено по 16 голови. Во Примера тоа е Депортиво Ла Коруња со 14 од кои 8 се од Реал Мадрид.

Во Бундес лига и Премиер лига Вердер и Евертон на 5 меча имаат примено по 13 голови, а во Серија А најлошо се брани Парма која има 10 примени голови на 4 средби.

26 септември 2014 - 18:31