Од лузери на кои им се закануваше да бидат во аут не само од ЛШ, туку од сите европски натпреварувања, Барселона чекор по чекор не само што има сигурен пласман кај што им е местото, туку се зацврстуваат на втората позиција.
Најголема заслуга за тоа има славниот мозок во нивната игра кој дојде, ја собра загубената банда без командантот Меси и ги направи прав тим. Бројките се тие кои демонстрираат како и одеше на Барселона со Куман, а како со Чави.
Од можни 39 бода во првите 13 кола, каталонците под водство на холандскиот стратег освоија само половина и беа на бедната 9-та позиција на табела.
Откако ги зема Чави под свое знаете ли кој тим има најмногу освоени бодови во Шпанија? Барселона, вкупно 54, за сега повеќе и од шампионот Реал Мадрид. 54 од можни 66. На табелатата најдолу не е впишана синоќешната победа над Селта од 3:1, но и Реал има натпревар помалку.
Чави е тренер на Барселона од 6 ноември и за 6 месеци тренерска работа има само 7 порази на сите натпреварувања. Бележи 21 триумф и 8 нерешени, а до скоро Барса беше во серија од 15 средби без пораз.
Младиот шпански стратег вади максимум од тимот кој има иднина во младите Педри и Фати, потоа расположениот Дембеле кој целосно го разигрува нападот и бележи фантастични 13 асистенции, а одлично се вклопија и зимските засилувања Обамејанг, Торес, Траоре и Алвеш. Најефикасни во напад им се Депај и Обамејанг со по 13 погодоци.
До крајот играат уште со Хетафе на гости и Виљареал дома и со 72 бода многу веројатно дека ќе останат на одличната втора позиција која со Куман изгледаше научна фантастика. Севиља има 65, а Атлетико 64, но и двете екипи имаат натпревар помалку.