Барса, Меси и Енрике, каде запна работата?

Пред неколку сезони, каталонскиот клуб беше модел за атрактивен и отворен стил на игра, а трофеите се редеа еден по друг. Сега Каталонците се на насловните страни од многу поразлични причини.

Само некоја сезона наназад, изгледаше дека Барселона не знае и не може да погреши. 14 трофеи под водство на Пеп Гвардиола и одличниот фудбал за око беа причина генерацијата да биде прогласена за најдобар фудбалски тим во историјата.
 
Но, да не биде сè така розово на Камп Ноу се погрижи времето. Пеп Гвардиола си замина, Барселона лани не освои ниту еден трофеј, а како капак на сè титулата во Примера ја загуби во последното коло на домашен терен против Атлетико Мадрид. Неколку дена претходно, Барса мораше да ги гледа мадридските ривали во финалето од ЛШ во Лисабон.
 
Како одговор на тоа, Барселона од бес и помалку неконтролирано, минатото лето потроши преку 100 милиони фунти за засилувања од голман, па до истурен напаѓач. Блауграна го испазари најдобриот стрелец во Премиер лигата, Луис Суарез за 75 милиони фунти.

И покрај новите фудбалери на секоја позиција, Барса и натаму се соочуваше со постоечките проблеми, како на теренот, така и во управата. Како “подарок“ од УЕФА за Нова година стигна и забраната за трансфери до 2016. година, одлука која уште повеќе го потресе Камп Ноу. На хартија, Барса и не изгледа така лошо. Втори се во Ла Лига, играат нокаут фаза во Копа дел Реј и Лига на шампионите, но ѓаволот уште е присутен во главниот Каталонски град. Меси и другарите не играат како некогаш, посебно против послабите екипи и навивачите не се задоволни.
 
Поради забраната од УЕФА, Барселона ќе мора да се потпре на фудбалерите од Барса Б, екипа која е на само еден бод од зоната за испаѓање во Сегунда.
 
Тензијата уште повеќе се зголеми минатата недела, со заминувањето на клупските легенди, Андони Зубизарета и Карлес Пујол. Зубизарета беше голман на Барса, кога клубот го освои првиот пехар во ЛШ 1992. година, а како спортски директор на клубот работеше од 2010. година. Истиот ден, заедно со учителот, се повлече и Карлес Пујол, за кој управата намени едно раководно место.

Двете оставки уште повеќе го зголемија притисокот врз Жосеп Мариа Бартомеу, претседателот на СД Барселона, кој беше принуден да распише нови избори за летово што доаѓа.
 
Сепак, најголемата грижа на навивачите е иднината на нивниот најдобар играч и талија, Лионел Меси. Аргентинецот ги зголеми шпекулациите со неколку изјави дека не знае дали би останал во тимот на долги патеки. Во меѓувреме се појави и шпекулација според која Меси и тренерот Луис Енрике не се баш во најдобри односи, а тоа не го негираа ниту го потврдија од управата.
 
Медиумите уште повеќе пишуваа за нивниот однос, откако Меси пред неколку дена на Инстаграм ги заследил Челси, како и Тибо Куртоа и Луис Фелипе. Токму англискиот клуб се смета за негова можна дестинација, но во тоа го спречува откупната клаузула која изнесува 200 милиони евра!
 
Многу поизвесно е смена да има на клупата. Луис Енрике е уште една клупска икона, поранешен успешен фудбалер на Барселона и тренер на Барса Б. И покрај тоа што сезонава на 25 натпревари, Енрике има само четири загубени средби, поразите од Реал Мадрид и ПСЖ може скапо да го чинат.

Во моментов, управата на Барса соопштува дека Луис Енрике ја има нивната поддршка. Двата дневни спортски листа во Барселона направија споредба со учинокот на Енрике како тренер на Рома во 2011. година и сега. Енрике тогаш со Рома заврши седми и не се пласираше ниту во ЛШ, ниту во ЛЕ. Каталонските медиуми пишуваат дека неговите методи на работа не се за големите, туку за помалите клубови.
 
Луис Енрике како тренер на Барселона:
Натпревари: 25
Победи: 19
Нерешени: 2
Порази: 4
Гол разлика: 68:14
 
Единствен излез од ситуацијата е Барса да почне да ги задоволува своите навивачи, но кога ќе се погледне блискиот распоред, се гледа дека тоа нема да биде нималку лесно. Во продолжение од Копа дел Реј Барса ќе вкрсти со победникот од дуелот Реал - Атлетико, а наскоро е и средбата против Манчестер Сити во Лигата на шампионите.
 
Лионел Меси во Барселона:
- Најдобар стрелец на сите времиња во Ла Лига со 258 голови;
- Најдобар стрелец во историјата на Барселона со 378 голови;
- Најдобар стрелец во историјата на ЛШ со 75 голови;
- Најмногу голови во една сезона во Примера, 50;
- Последователни натпревари на кој давал гол во Ла Лига: 21;
- Најмногу голови во една сезона, 73,
- Најмногу хет-трикови во историјата на Ла Лига во една сезона 8;
- Најмногу голови во една календарска година, 91.