Барса има најстар тим во Примера

Фотографијата на Каталонците пред Ел Класико ја покажува недовршената клупска револуција сезонава. И покрај настапите на младите Мунир, Рафиња и Сандро, клубот од Камп Ноу ги има највозрасните првотимци во шпанската лига.

Со 29 години и 28 дена во просек, екипата што ја одбра Луис Енрике за мечот на Бернабеу беше највозрасната екипа во целата лига сезонава. Во првите 11, Барселона имаше само двајца играчи помлади од 27 години.

Четворица фудбалери во составот се влезени во четвртата декада, Чави има 34, Клаудио Браво и Дани Алвеш по 31, Жереми Матје, Хавиер Маскерано и Андрес Иниеста имаат по 30 години. Управата на Барса летово не успеа да пронајде рецепт да ја спроведе транзицијата.

Тренерот Енрике покажа дека нема страв да пушта млади играчи на теренот, а тоа го докажа со Мунир Ел Хадади, Рафиња и Сандро, но во саботното дерби против Реал, ветераните не се справија со брзите контри на мадридскиот клуб кој славеше 3:1.

Екипа со најблизок просек на години до Барса е Леванте, кој има постава стара 28 години и 295 дена. Просекот на Леванте им го „расипува“ ветеранот Хуанфан кој има 38 години. Од друга страна, на крајот од скалата се наоѓаат Кордоба со точно 25 години во просек од играч и Валенсија со 24 години и 308 дена. Клубот од Местаља ги има најмладите фудбалери во Примера.

28 октомври 2014 - 14:57