Диего како што е познато играше за овие два клуба во кариерата, иако помалку отколку што го носеше дресот на Наполи (71 меч за Бока, 49 за Барса и 257 натпревари за клубот од Неапол). Диего во дресот на Наполи постигна 115 погодоци а вкупно за Барса и Бока дал 120 гола.
Местото на одигрување на средбата ќе биде стадионот „Мрсул Парк“ во Саудиска Арабија кој собира 25.000 гледачи.
Интересно, Диего еднаш играл во оваа земја. Во 1987-ма година кога ја освоил шампионската титула и Купот во Италија, а година дена по златниот пехар освоен на Светско првенство, Диего дошол ревијално во Саудиска Арабија.
Наполи се противел на оваа авантура на Диего, се плашеле нивниот лидер да не се повреди, но Саудијците го почастиле со 100.000 долари.
Така Марадона одиграл еден меч за Ал Ахли од Џеда, јубилеен натпревар за прослава на 50-годишнината на клубот. Диего го изиграл целиот натпревар, дал два гола и наместил други три за триумф од 5:2 над дански Брондби.
На стадионот на Ал Ахли минатата година се играше возобновениот Суперкуп на Шпанија. Шпанците за три години гостување во оваа земја ќе добијат 120 милиони евра. Шпанската фудбалска федерација се договорила со Саудијците преку компанијата Kosmos на Жерар Пике.
Барселона во јануари 2020-та беше гостин во Џеда, а се очекува да одигра неколку пријателски средби и во 2022 затоа што предвидените ревијални натпревари за 2021 биле одложени поради пандемијата.
Но Каталонците на крајот нашле можност да ги израдуваат своите навивачи во Саудиска Арабија преку споменатиот Куп на Марадона. Се уште не се знае во кој состав ќе дојдат Барса и Бока а дуелот е закажан за 14 декември, само два дена по гостински дуел со Осасуна во Ла Лига.
Од друга страна финансиските проблеми на Барселона не може да се решат сами од себе, па затоа клубот бара секакво чаре да ги враќа долговите.