Пред 10 месеци, од тунелот во кој се најде поради честите повреди, Фелипе Андерсон од Бразил твитна: „Дајте сè од себе и трчајте само по тоа што ве прави среќен. Не се предавајте, сè ќе дојде во свое време“. Твитот на офанзивецот беше како пророчки, затоа што 10 месеци подоцна повторно на Твитер, се заблагодарува на честитките за добрите игри.
Во декември, Фелипе Андерсон даде еврогол против Варезе во Купот на Италија. Неколку дена подоцна, со неговиот гол Лацио победи на Енио Тардини против Парма 1-2 и вчера против Интер со два гола за малку ќе му донесеше три бода на тренерот Пиоли.
Пред неколку недели, Фелипе Андерсон го постигна и својот прв гол во репрезентацијата на Бразил со 21 година, против Јужна Кореа 3:0.
„Задоволен сум што дадов два гола во многу важен натпревар за нас. Сепак за жал не успеавме да ги освоиме сите бодови. Мило ми е што конечно играм во континуитет, затоа што претходно играв малку и требаше да се навикнам на фудбалот во Италија. Пиоли ми даде целосна слобода во играта, а тоа ми беше потребно“, изјави јунакот на Лацио, по дуелот со Интер.
Бразилецот во Рим дојде во јули 2013. година, Лацио за него плати преку 6 милиони евра за да го донесе од Сантос. Претседателот Лотито во него го гледаше новиот Хернанес, затоа што и двајцата имаат ист начин на игра, плејмејкери се и често играат зад напаѓачите. Лацио го капариса Андерсон уште во јануари 2013. година, но поради доцнењето на факсот од страна на бразилскиот клуб, трансфер периодот во Европа се затвори и Фелипе остана во земјата. На 25. јуни истата година, Лацио повторно понуди 8 милиони евра за Фелипе Андерсон и 50% од неговиот следен трансфер. Сантос прифати и Лацио доби ново засилување.
Спортскиот директор на Лацио, Игли Таре изјави дека третата страна во целиот трансфер, извесна агенција Дојен Спортс била виновна што Фелипе Андерсон не дошол порано во римскиот клуб.
Првиот гол на Фелипе Андерсон вчера против Интер:
И вториот на Меаца:
Откако прв пат после повредата пред 2 години се врати во форма, во Лацио немаше место за него. Голот против Легија Варшава во Лига Европа беше единствена светла точка за младиот Бразилец. Според Фелипе Андерсон, вербата во Бог, вообичаена кај Бразилците кои играат во Европа и трпението се најзаслужни за неговиот блескав момент.
Лична Карта: Фелипе Андерсон Переира Гомес
Роден: 15. април 1993. година во Санта Марија (Бразил)
Кариера: Коритиба 2007-2010, Сантос 2010-2013, Лацио 2013-
Број на дрес: 7
Позиција: Полушпиц, треквартиста
Репрезентација: Бразил У17. У20, У21